Одлука
Бахреин ја откажа трката во Формула 1
22.02.2011, 11:29
Организаторот на трката за Големата награда на Бахреин во Формула 1 го откажа гран-прито со кое на 13 март требаше да биде отворена новата сезона по една недела антивладини протести во кои загинаа седуммина, а стотици беа повредени. Наспроти надежта на власта за можно презакажување на најголемиот спротски настан во земјата, последното претсезонско тестирање предвидено за 3 март на патеката "Шахир" е целосно откажано. Наместо таму, 12. тимови меѓу 8 и 11 март ќе се вратат на патеката во Барселона, каде што завчера ја заокружија претпоследната тренинг-сесија.
Одлуката за одложување на трката подразбира дека ГН на Австралија на 27 март ќе биде прв настан во календарот со планирани рекордни 20 гран-прија.
"'Меѓународна патека Бахреин' (БИЦ) објавува дека Кралството Бахреин се повлекува од организирањето на годинашната Ф1-трка со цел земјата да се фокусира на својот процес на национален дијалог", се вели во соопштението на организаторот. Од таму додаваат дека престолонаследн��кот Салман бин Хамад ал Халифа, кој е и заменик врховен командант на вооружените сили на Бахреин, зборувал по телефон со првиот човек на Формула 1, Берни Еклстоун.
"Во моментов целокупното внимание на државата е насочено кон градењето нов национален дијалог во Бахреин", изјави крунисаниот принц. "И покрај тоа што Берни Еклстоун великодушно стави на знаење дека одлуката во врска со трката е целосно во рацете на Бахреин, сметаме дека е важно за земјата да се сконцентрира на итните прашања од национален интерес и да го остави одржувањето на трката во Бахреин во Формула 1 за подоцнежен датум".
Интернационалната автомобилистичка асоцијација (ФИА), шефовите на тимовите и возачите го поддржаа потегот. Не е донесена одлука за презакажување, а ситуацијата во Манама се' уште е тензична и илјадници демонстранти кампуваат на Бисерниот плоштад. Кралот Хамад бин Иса ал Халифа побара од синот и престолонаследник да организира дијалог со сите партии.
"Се надевам дека Ф1 и нашите пријатели од целиот свет ќе ја разберат нашата одлука во овие тешки времиња", изјави претседателот на БИЦ, Заед Алзајани.
Еклстоун, кој беше клучен човек за Бахреин во 2004 година да стане првата држава на Блиски Исток домаќин на трка во Формула 1, го изрази своето разбирање.
"Тажно е тоа што Бахреин мораше да се повлече од трката. На целата нација и' посакуваме секое добро во процесот на заздравување на односите во земјата", изјави 80-годишникот. "Гостопримството и топлината на народот на Бахреин и' даваат печат на тамошната трка, за што може да посведочи секој што присуствувал на Бахреинското гран-при. Очекуваме да се вратиме во Бахреин наскоро".
Кристијан Хорнер, тимскиот шеф на шампионот Ред бул, се согласува.
"Очигледно, ова е голем срам за Бахреин, но наполно е разбирливо со оглед на проблемите со кои тие се соочуваат", изјави тој по состанокот со шефовите на другите тимови во врска со планираното тестирање.
"Јасно е дека трка во Бахреин во ова време би била несоодветна во дадените околности", додава претседателот на Вилијамс, Адам Пар. "Сега го очекуваме почетокот на сезоната во Мелбурн, а во Бахреин ќе се вратиме кога ќе биде вистинско време за тоа".
Трката на "Шахир" би можела да биде уфрлена на крајот од календарот, но тоа исто така создава проблеми, имајќи предвид дека последното гран-при сега е закажано за во Бразил на 27 ноември, откако претпоследната трка ќе се вози во Абу Даби на 13 ноември. Одржувањето трка веднаш по Абу Даби поместувањето на Бразил во декември можеби има смисла од географски и од логистички аспект, иако тоа би украло дел од привлечноста на трката на патеката "Јас марина".
Бахреин е првата откажана трка по Пацифичкото гран-при во Аида, Јапонија, во 1995 година, кое мораше да биде презакажано поради разорниот земјотрес во регионот.
|