Фајон
Можно враќање на визите за Западен Балкан
22.02.2011, 10:11
Известителот на Европскиот парламент за визниот режим за државите од Западен Балкан, Тања Фајон предупреди дека постои можност за повторно воведување визи за Србија и државите од регионот бидејќи се повеќе држави од ЕУ имаат забелешки заради големиот број азиланти.
Во изјава за „Вечерње новости“, таа вели дека ЕК во почетокот на оваа година вовела посебен механизам со кој ќе се следи што се случува во врска со визната либерализација и дека во случај на сериозно кршење на обврските, земјите-членки може да побараат Србија или некоја друга држава да бидат на црната шенген-листа.
„Таа можност постои и се плашам дека без сериозна одговорност на владата во Србија, постапката за враќање на визи ќе биде покуса, бидејќи оддлени држави како Франција и Холандија сакаат да ја забрзаат процедурата“, оцени Фајон.
Таа додаде дека в четврток ќе се одржи расправа за предлогот на Париз и Хаг во Советот на министри за внатрешни работи во Брисел.
„Тој предлог извесно време е во оптек. Важи за вонредни ситуации доколку има многу азиланти. Со таква одлука би се заобиколил Европскиот парламент“, појасни Фајон.
Ако се прифати таа иницијатива, според неа, тоа би значело „замрзнување“ на визната либерализација од одредено време, „можеби на неколку недели или месеци“.
„Тој принцип е предложен за да се носат некои одлуки брзо, без промена на уредба и целиот процес на одлучување. Би била потребна само согласност од сите членки. Свесни сме дека веќе неколку месеци ЕК загрижено го следи постоењето на вонреден број азиланти, особено од Србија“, изјави Фајон.
|