Во Португалија цвета бизнисот со стара облека
Поради недостиг од пари за нова и скапа облека, се' поголем број луѓе купуваат стара, односно облека од втора рака
На Португалците им недостасуваат пари за нова и скапа облека, па затоа се' поголем број луѓе купуваат стара, односно облека од втора рака со што добиваат стил и елеганција за мали пари.
Во продавницата „Другата страна на месечината“ се слуша музиката на легендарната пејачка Тина Тарнер. Една постара муштерика пребарува по рафтот со шапки во стилот на 1980-тите години. Една друга помлада девојка, пак, стои пред закачалката на која се обесени различни парчиња облека и бара јакна. Продавницата на 35-годишниот Нуно Лопез навистина прави добар бизнис: „Минатата година отворивме три продавници. Со облеката од втора рака во кризни времиња се прави навистина добар бизнис. Продаваме облека од едно евро, па нагоре. Но, без разлика на цената, нашите муштерии имаат можност да купат секогаш убави работи што одговараат на се'. Продаваме висока мода за малку пари“, објаснува Нуно.
Продавниците на Нуно Лопез во стариот дел на градот станаа вистински трендсетер. Во продавниците на „Другата страна на месечината“ не се продаваат поединечни парчиња облека од некои заборавени времиња, туку користена луксузна облека, како што се вечерни фустани, џемпери и блузи од не толку дамнешно време. Облеката е евтина и убава, а со оглед на намалувањето на месечните плати во земјата и зголемувањето на даноците, на муштериите им е добредојдена една ваква продавница.
Жителките на Лисабон се воодушевени од идејата на Нуно. „Поради кризата во земјата, не можеме да си дозволиме да купуваме во скапите и луксузни продавници. Затоа ни остануваат продавниците за облека од втора рака. Понекогаш си купувам нешто убаво оттаму. За жал, не живееме во времиња на скапа модна екстраваганција“, вели една муштерика. Нуно добро се грижи за своите редовни муштерии и секогаш има да им понуди нешто убаво: „Долг зимски мантил од 1970-тите години за само 50 евра, материјалот ќе издржи без проблем уште 30 години. Во друга продавница еден ваков мантил би чинел повеќе од 100 евра“, вели Нуно.
Но, тој многу често ја чувствува на своја кожа и темната страна на кризата. Имено, Нуно ја купува облеката од различни трговци во Европа. Но, сега сакаат и неговите муштерики да му продадат стара носена облека. „Ова е очигледно симптом на големата финансиска криза. Луѓето ја продаваат облеката, затоа што им се потребни пари. На тој начин сакаат да дојдат до пари. Во таков случај, ние сме прва станица. Луѓето постојано не' прашуваат дали сме заинтересирани да купиме од нив стара облека“, вели Нуно.
Бидејќи тој не само што се разбира од мода туку има и големо срце, Нуно купува од нив облека и што не е толку добра. Потоа, ја нуди како посебна понуда во една од другите свои продавници по цена од пет евра. Продавницата „Другата страна на месечината“ треба да го задржи имиџот на продавница со ексклузивна мода. На ова тој напорно работи веќе шест години. |