Тачи со Беља ќе го освојува Скопје
Колку што траеше Албанскиот сојуз, толку траеше и идејата за конфедерација
Светлана Унковска
Обединувањето на ДПА со албанската партија со најкус стаж досега, Албански сојуз, треба да продуцира интерес и на двете страни. Валон Беља, претседател на партијата што егзистира нецели три месеци на политичката сцена, се очекува за следните избори да биде експозитура на партијата на Мендух Тачи во Скопје.
Добро упатени извори велат дека потегот со обединувањето е само подготовка на ДПА за следните избори. Откако од ДПА се отцепи дел од членството, под водство на Имер Селмани и, главно, од скопскиот реон, се најавува дека спојувањето со Албанскиот сојуз ќе ја покрие таа празнина. За да им парира на ДУИ и на Нова демократија, кои се кадровски силни во Скопје, челникот на ДПА мораше да се екипира во главниот град.
Откако Тачи и Беља ги завршија договорите во насока на усогласување на политичките платформи, во петокот тие и свечено го прославија стапувањето во сојузот. Поранешниот прв човек на невладината „Реалитети“ не сакаше да каже со к��лкава бројка ќе го зајакнува скопското крило на ДПА.
„Не би сакал да шпекулирам точно со бројки, затоа што и кога ја основавме партијата, не издававме партиски книшки, бидејќи сметавме дека на тој начин се ограничува членството. Но, посветивме многу напори да работиме на терен и сигурни сме во она што го направивме, имајќи предвид дека постојано повикуваме да има предвремени избори“, изјави Беља.
Беља е близок со Тачи уште од времето кога ја предводеше „Реалитети“, која во ноември минатата година прерасна во партија, за сега да се прелее во ДПА. На промоцијата на партијата, челникот на Албанскиот сојуз излезе со радикални залагања за промена на политичкиот систем и за кантонизација на земјава. Неговите предлози беа Македонија да биде поделена на три кантони - едниот етничко чист албански, другиот македонски и третиот етнички мешан кантон. Но, според упатените, тоа било само обид партијата да привлече поголемо внимание и да се претстави како силен субјект. Но, колку што траеше партијата, толку траеше и неговата идеја.
„Целосно ја прифативме платформата на ДПА, бидејќи беше иста со нашата. Единствено недостасуваше делот за поделба на Македонија на кантони, но сега веќе таа идеја ја напуштаме и целосно ја поддржуваме платформата на Тачи“, рече Беља. Но, се чини, дека сите негови идеи се со кратко траење. Тој во судскиот процес на Хисен Муслиу за фалсификување на досиејата на челниците на ДУИ прво се понуди да биде сведок, бидејќи тврдеше дека ги имал оригиналите, а потоа кога судот го викна да сведочи, одбиваше да се појави.
Партијата на Тачи веќе има искуство со прибирање послаби политички партии, како што тоа беше примерот со ПДП, кога нејзин претседател беше Абдуљади Вејсели. Тој тогаш се согласи по преминувањето да ја згасне партијата, но голем дел од членството беше против.
|