Калиопи
Промоција на македонската дива во Загреб
Марина Апостоловска-Вујаклија
Македонската дива Калиопи на 16 февруари годинава, во елитниот ресторан „Спун“ („Spoon“) во Загреб го промовира својот најнов ЦД насловен како „Порака“. Беше тоа вечер за паметење. Издавачот е „Хит рекордс“, истиот оној што го промовираше, благодарение на нејзиниот директор Мирослав Рус, и Тоше Проески во Хрватска.
Во прекрасниот амбиент имаше што да се види: ѕвезда до ѕвезда – Зденка Ковачичек, Ибрица Јусиќ, Миро Унгар, неколку видни политичари и, се разбира, претставниците на македонката амбасада во Република Хрватска, предводена од амбасадорот Данчо Марковски.
Вино, вкусни канапеа и прекрасни колачи... Ама сите со нетрпение ја очекувавме Калиопи. Застана на сцената како кралица и го разлеа својот глас. Молк. Сите сетила беа исполнети со убавината на нејзината песна. Видно возбудена (иако ова не и' е прв настап на хрватската музичка сцена), Калиопи даде се' од себе. За тоа по секоја изведба беше наградувана со громогласни аплаузи. Тоа и го заслужува дива каква што е нашата Калиопи.
„Загреб секогаш го доживувам на неговиот господски начин. Најголема желба ми е оваа музика да стигне до луѓето во Хрватска и овие мои песни да стигнат до секого. Тоа би била мојата порака. Темата на овој ЦД е љубовта и тоа е она што, според мене, е најбитно во животот“, ни изјави по промоцијата Калиопи.
Многу цвеќиња, многу бакнежи, многу љубов им подари Калиопи со својот глас и музика на сите 200 гости. Секако, тоа се совпаѓа со насловот на нејзиното најново ЦД „Порака“. (М.А.В.) |