Полициски началник загина во стравотна несреќа
Владимир Шаровиќ со службеното возило излетал на „Илинденска“ и удрил во дрво
Началник во Одделот за организиран криминал при МВР загина вчера изутрина во стравотна сообраќајна несреќа во Скопје. Началникот на Секторот за насилен криминал, Владимир Шаровиќ, од засега непознати причини, излетал од булеварот „Илинденска“, преминал на спротивната коловозна лента и удрил во дрво. Ударот бил стравотен, за што сведочат фотографиите од местото на несреќата. Предниот дел на службеното возило во кое се наоѓал началникот е сосема згмечено и уништено од силниот удар. Причините за сообраќајката се' уште се утврдуваат.
Според полицискиот билтен, несреќата се случила околу 3,30 часот вчераутро на булеварот „Илинденска“ б.б., кај бензинската пумпа на „Макпетрол“. На потегот меѓу салата „Борис Трајковски“ и ресторанот „Имес“, Шаровиќ со службената „опел астра“ излетал од патот и удрил во дрво. Од силниот удар починал на самото место. Екипа од СВР - Скопје извршила увид на местото на несреќата. Телото потоа е предадено во Институт��т за судска медицина во Скопје, каде што во текот на вчерашниот ден се правеа дел од анализите. Како што објаснуваат оттаму, поради недостиг од апаратура и хемикалии, не се во можност да ги извршат токсиколошките анализи за да се утврдат причините зошто возачот излетал од патот.
Од МВР не потврдуваат дали началникот бил на службена задача во моментот кога се случила сообраќајката. Според првичните информации, тој бил сам во возилото, но засега не се знае дали имало и други учесници во несреќата. Тој бил истакнат во својата работа и учествувал во повеќето големи истраги што се водеа изминативе години во Одделот за организиран криминал во МВР, како што беше случајот „Виторија“ и разоткривањето на синџирот со уцени и киднапирања, случајот со новинарот Владо Танески, сериските убиства во Охрид и слично. На спортската јавност и' се познат како долгогодишен фудбалски судија.
„Го загубивме најдобриот професионалец во МВР. Искрено сочувство до неговото семејство", изјави вчера министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Прашана дали се проверуваат „црни сценарија“ околу смртта на началникот, министерката вели дека ќе се знае по завршувањето на истрагата. „Не би одела со шпекулации се' додека не се затвори истрагата и не ги имаме сите релевантни податоци за несреќата во која загина еден од нашите најблиски соработници“, рече Јанкулоска. (Д.Т.) |