„Златна мечка“ за иранскиот „Надер и Симин“
Триумф и за унгарскиот „Торинскиот коњ“ и за два германски филма, „Заспаната болест“ и „Ако не ние, кој?“
Од нашиот известувач Сунчица Уневска
Берлин - „Златната мечка“ на 61. Берлински филмски фестивал, сосем очекувано, отиде во рацете на иранскиот режисер Азгар Фаради за филмот „Надер и Симин, разделба“, кој освои вкупно три награди. Жирито предводено од Изабела Роселини, а во кое годинава беше оставено празно столче за затворениот ирански режисер Џафар Панахи, и на овој начин ја даде својата поддршка за иранскиот филм и за темите кои ги третира, но она што е најдобро, е дека според мислењето на сите ова навистина беше и најдобриот филм на фестивалот.
Покрај главната награда, за приказната која на одличен начин навлегува во општествено-социјалните теми, овој филм ги освои и наградите за улоги и тоа за сите актери, низ кој се исклучително портретирани местото на мажот и жената во современото иранско општество. „Сребрената мечка“ за најдобра женска улога ја доби женскиот ансамбл на филмот предводен од Леила Хатами, додека „Сребрената мечка“ за машка улога ја доби машкиот ансамбл предводен од Пејман Моади. Инаку, ова е втора „Мечка“ за Фаради, пред две години доби „Сребрена мечка“ за најдобра режија за филмот „За Ели“.
Втората награда односно Гран-прито на жирито, исто така сосем очекувано, му припадна на унгарскиот филм „Торинскиот коњ“ на Бела Тар. Овој необичен филм за Ниче и за коњот е еден сосем изненадувачки трактат за животот и за смртта. Бела Тар е многу специфичен автор, кој овој филм повторно го прави во црно-бела фотографија и речиси без дијалог, во стилот на немите филмови.
Додека наградата за режија оваа година ја доби германскиот режисер Улрих Келер за филмот „Заспаната болест“. Овој филм своето дејствие го сместува во Камерун и низ една надреална приказна, се осврнува на помошта за Африка и на она што невладините организации често без јасна цел и го даваат на оваа земја и на нејзиниот народ. Оваа година награда освои уште еден германски автор, Андрес Фајл за филмот „Ако не ние, кој?“. Станува збор за наградата „Алфред Бауер“, која се доделува во чест на основачот на фестивалот, за иновативност и за отворање на нови хоризонти во уметноста на филмот.
Инаку, „Ако не ние, кој?“ беше навистина еден од највозбудливите филмови на фестивалот, кој ги истражува корените на западно-германскиот тероризам. Тоа е, всушност, приказна за радикалната Гудрун Енслин која ќе се пронајде себеси дури кога ќе го сретне основачот на „Бадер Мајнхоф“ Андреас Бадер. Одлично направен филм за страста, за жестокоста и силата, за незапирливата потреба да се дејствува, да се променат нештата, но тоа е филм и за лудилото и екстремностите односно за оној пат од кој нема враќање.
„Сребрената мечка“ пак, за сценарио ја доби американско-албанскиот филм „Крвта што простува“, за кој сценариото го потпишуваат режисерот Џошуа Марстон и Андамион Муратај. Веќе пишувавме доста за овој филм, во кој една од главните улоги игра и Рефет Абази, и чија тема е крвната одмазда. Како што велат критичарите, овој филм иако се занимава со доста користена тема, сепак, успеа на поинаков начин да го прикаже Балканот.
А мексиканскиот филм „Награда“ на Паула Маркович, кој всушност се осврнува на репресивниот аргентински систем, освои две признанија, за фотографијата и за продукциски дизајн. На оваа автобиографска приказна сместена во една небиднина, покрај сивото море каде што постојано дува, и недостигаат многу работи, но факт е дека фотографијата е толку силна и сугестивна, што успева да ги долови емоциите, напнатоста и тензијата онаму каде што во приказната ги нема.
Со други зборови, наградите кои годинава ги донесе шестчлено жири, во кое поради недостатокот на Панахи беа четири жени и двајца мажи, ги додели вистинските награди. А покрај Изабела Роселини, во жирито беа и: австралиската продуцентка Јан Чепмен, германската актерка Нина Хос, британската костимографка Сенди Пауел, како и канадскиот филмаџија Гај Мадин и боливудскиот суперстар Амир Кан.
Наградата на критиката „Фипресци“ во главната програма ја доби, исто така, „Торинскиот коњ“ на Бела Тар. Во програмата „Панорама“ наградата ја понесе францускиот филм „Шести кат, лево крило“ на Анџело Кјанци, додека во програмата „Форум“ критиката го награди четири и пол часовниот одмазднички јапонски филм „Небесна приказна“ на Зезе Такахиса. Додека наградите на публиката во програмата „Панорама“ ги добија шпанскиот за конквистадорите „Дури и кога врне“ на Икијар Болеин и документарниот „Во небесното подземје – Веисенсе еврејски гробишта“ на Брита Вауер, за тоа како на ова место луѓето и судбините се поврзуваат. А наградата „Лејбл Синема Јуроп“, која се доделува во програмата „Панорама“ за зголемување на дистрибуцијата на европските филмови, ја зема германскиот филм „Над нас само небо“ на Јан Шомбург за барањето втора шанса во животот.
Годинава можеби Берлинале не беше многу силно, но имаше возбудливи филмови, меѓу кои ќе потсетиме на уште два од конкуренција, „Повикот на Маргин“ и „Кориолан“ кои исто така заслужуваа награди. Ова издание, иако посветено на повеќе млади и непознати автори, сепак, во оф програмата донесе и многу ѕвезди. А што се однесува до публиката, факт е дека Германците ги опседнуваат киносалите и продажните места за билети за време на целиот фестивал, па сигурно бројката го надмина минатогодишниот рекорд од 300.000 гледачи. |