Поделени критиките за Манчевски и во Берлин
„Филмот ’Мајки‘ е груб, сензационалистички, без никаква длабока меланхолија, која 'Пред дождот' го правеше толку посебен“, пишува Кристина Билов
Сунчица Уневска
Филмот на Милчо Манчевски „Мајки“ беше прикажан во престижната програма „Панорама“ на годинешниот 61. Берлински филмски фестивал и тоа за Македонија беше, дефинитивно, најголемиот настан што го имавме годинава на Берлиналето. Како што веќе пишувавме, имавме и други претставувања, но ова без сомнение е главната, особено што по филмот на Теона Митевска „Јас сум од Титов Велес“, ова е втор македонски филм што беше вклучен во берлинската смела и иновативна „Панорама“. Затоа и сметаме дека е важно да ги пренесеме одгласите за филмот и за нашиот режисер, кого надвор од Македонија факт е дека најмногу го знаат и за чии филмови има интерес. Но, токму затоа и сметаме дека нема потреба нешто да се разубавува или премолчува.
Реномираноста на Манчевски е неспорна, приемот секогаш бил и ќе биде различен, исто како и оцените на критиката, и навистина не мислиме дека тр��ба да го пренесеме она што упорно од продукцијата на Милчо Манчевски ни го издвојуваат како важно, туку ќе се обидеме да направиме една навистина реална слика на одгласите по премиерата на овој филм во Берлин. А што се однесува до гледаноста, да кажеме дека претпоставуваме (бидејќи не бевме на сите проекции) дека и останатите проекции биле полни, бидејќи така е на Берлинскиот фестивал, германската публика ги опседнува киносалите, за што не еднаш сме пишувале.
„Милчо Манчевски помеѓу реалноста и фикцијата“, ќе напише Тереза Цорцеиро за редакцијата на 3zat Kulturzajt или Време за култура, во рецензијата за филмот насловена „Три во едно“. Во неа се вели: „’Мајки‘ е еден од оние филмови, кои не се отвораат директно и со својата должина од два часа не се лесни за гледање. Но, кој го има видено филмот на Манчевски ’Пред дождот‘ и знае дека има снимено една епизода од ’The Wire‘, ќе одвои време и за овој филм. Тоа, всушност, се три одделни филма...
Чуму сето ова? Се работи за вистина, за реалност и за фикција. За прашањето, како се менува реалноста кога една камера е во просторот и за објективноста на документарните филмови. И тоа во едно време, во кое границите помеѓу реалноста и фикцијата се' повеќе и повеќе се бришат. Но, сето тоа не е успешно изведено, затоа што само последниот од трите дела може да се посака да се види; работата е посилно посакана отколку што е умешно направена. Но, исто така, не е и неинтересно“.
Следната рецензија е на Кристина Билов, која излезе во два весника, во „Берлинер цајтунг“ од 18 февруари и во „Франкфуртер рундшау“ од 17 февруари. Насловот гласи „Чистачки и други мајки“. Текстот започнува со констатацијата на Билов дека е навистина ретко да дојде нешто во нивните кина од Милчо Манчевски, кој во 1994 година го сними најуспешниот македонски филм „Пред дождот“, за кој таа вели дека е едно силно дело за секојдневието на војната на Балканот и во земјите, кои веруваа дека се спасиле од неа. Понатаму, Билов прави споредба на трите епизоди од „Пред дождот“ и трите епизоди од „Мајки“, велејќи дека епизодите во „Пред дождот“ биле меѓусебе уметнички поврзани и секоја добивала само поради другата посебна тежина.
„Тоа сега во ’Мајки‘ е нешто поинаку, продолжува Билов. Тука епизодите остануваат неповрзани. Во првата се работи за едно девојче, кое сака да биде во центарот на вниманието... Втората покажува еден мал филмски тим во едно скоро напуштено село на духови... Можеби Манчевски сакаше во оваа епизода да покаже дека суштинското од телевизиските слики на еден телевизиски тим одминува. За односот со вистината и нејзиното рафинирано замачкување се работи, во секој случај, во последната епизода, која ја напушта потполно фикцијата. Сосема во стилот на една емисија за вести известува Манчевски за овој случај... Се' до гротескното самоубиство на сторителот Манчевски ја раскажува оваа последна епизода како едно илустрирано романче од жолтиот печат“, вели Билов, со назнака дека прекините се онаму каде што се раскажува. Нејзината поента гласи: „Грубо, сензационалистички, без никаква длабока меланхолија, која ’Пред дождот‘ го правеше толку посебен. ’Мајки‘ делува како раскинување на еден разочаран љубовник - разочаран од својата родна земја“.
Пред да кажеме што пишува во „Берлиниен“ да појасниме дека станува збор за он-лајн градски магазин, кој е комерцијален информатор и кој дава препораки за филмовите во кино, исто како што беше и препораката за гледање во „Цити“, која беше дадена пред берлинската премиера (карактеристично е дека во Берлин на барање на фестивалот критики пред премиерите не излегуваат во интерес на фестивалот). Но, ќе го цитираме „Берлиниен“ бидејќи тоа го добивме од продукцијата на Манчевски, но не и „Цити“ бидејќи веќе е тргнат од сајтот, со оглед на тоа што филмот веќе не игра в кино. „Берлиниен“ вели: „Драматичен, напнат и движечки. Режијата на Манчевски е навистина убедлива. Во сценариото за филмот е препознатлив ракописот на Манчевски. Живеете во Берлин или околината и сте фан на драма? Тогаш со овој кино-филм ќе уживате цели 123 филмски минути. ’Мајки‘ е произведен во Македонија во 2010. Нејтив-спикерс и тие што сакаат да бидат ќе го најдат филмот како ’Мајки‘ во нашата кино-програма. Убави кино моменти во нашиот главен град!“ Ќе повториме, дека ова секако не е релевантно за да се смета за одгласи.
Текстот на Макс Петер Хајне во „Меркише Одерзајтунг“ не го најдовме, но ќе го пренесеме тоа што го добивме, а тоа е дека во три различни епизоди Манчевски прикажува една иста земја среде политички и општествени немири.
Што се однесува до информацијата дека „Мајки“ е во трите најдобри филмови на Берлин, ќе кажеме дека станува збор за блог на филмскиот новинар Гинтер Јекубцик од Ахен. На блогот е објавена, цитираме „една нерепрезентативна анкета помеѓу колегите, кои можеа да се добијат“ и чиј избор вели дека се најдобри „Надер и Симин, разделба“ од главната програма, „Мајки“ од „Панорама“ и „Барајќи го Симон“ во „Форум“.
Ние уште ќе го пренесеме мислењето на хрватскиот филмски критичар Јурица Павичиќ, кој беше во Берлин во жирито за наградите на критиката (и секако дека е релевантен) и кој во „Јутарњи лист“ ќе напише: „’Мајки‘ се чуден филмски франкенштајн: омнибус кој вклучува три филма од кои два се кратки играни, а третиот е документарец. Третиот сегмент се бави со случајот на новинарот од Кичево, Владо Таневски, кој сериски силувал и убивал стари жени, а потоа известувал за убиствата кој сам ги извршил. Тој дел е и најдобар и со мала доработка би функционирал како добар самостоен документарец“.
За разлика од оние избрани извадоци кои секогаш ни ги пласира сама продукцијата на Манчевски, ние навистина се обидовме да направиме една реална слика за одгласите. Која е добро да ја слушнеме и на која, секако, имаме право. Впрочем, што е едно уметничко дело или еден автор ако за него сите пишуваат секогаш исто. Тогаш, навистина, чуму нови филмови, чуму движење и созревање? Да си стоиме во место, така е најсигурно. Сепак, не е, добро и вредно е да се слушне и доброто и лошото. |