Либија
Крв на улиците, Гадафи се појави на ТВ
22.02.2011, 10:26
Продолжуваат хаосот и крвопролевањата во Либија. Според телевизијата Ал Арабија, најмалку 160 луѓе загинале во судирите во Триполи, додека телевизијата Ал Џазира јави дека во воздушните напади на воената авијација во градот загинале најмалку 250 лица.
Главниот град на Либија е под опсада. По улиците се движат групи на платеници, кои отвараат оган кон локалното население, навлегуваат во болниците и ги напаѓаат лекарите и ранетите. Во градот има сериозен недостиг на лекарства и прехранбени производи, а има и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Либискиот водач Моамер Гадафи неочекувано се појави на државната либиска телевизија, со што сакаше да ги демантира шпекулациите дека побегнал во Венецуела. Телевизијата го покажа седнат во автомобил, со отворен чадор, при што тој изјавил дека не треба да им се верува на телевизиите бидејќи тие се во сопственост на „улични кучиња“.
|