22.05.2012, 18:53 Писма - Кокошарниците на „Савана“
Славчо Филипчев
Деновиве на електронските и во печатените медиуми туристичката агенција „Савана“ на големо ја рекламира својата понуда.
Понесен од атрактивната понуда, и јас решив да заминам на седум дена во Лептокарија. Цената на нивната понуда беше, да речеме, на износ од икс денари и тоа со вклучен превоз. Требаше да заминам од Охрид. За да го реализирам патувањето, ме упатија до охридската туристичка агенција „Вис Пој“ каде што требаше да ги средам сите формалности. И наместо да ја платам рекламираната цена, таму ми изготвија два ваучера со повисок износ, а за транспортот што го обезбедуваат не добив никаква бенефиција. Значи, платив повисока цена за престој, плус мој трошок за транспорт. Секако, бидејќи заминував следниот ден, се согласив да го платам бараниот износ.
Стигнав во Лептокарија. На ваучерот стои дека треба да се сместиме во вила именувана како „Ерато“. Никакви други информации за локацијата на „вилата“. По потрагата, ја најдов „вилата“ на која со големи букви пишува Хотел „Ерато“. Тоа е една најобична семејна куќа, дури би рекол со мизерен изглед. Во нејзиниот влез еден голем рекламен пано на „Савана“ и скали што водат кон собите на горните катови. Каква рецепција? Ниту некој да те пречека, ниту, пак, да те упати кон собата која сте ја резервирале. Пред вратата, исто така, најобична улична чешма. Седнавме околу неа и чекавме некој да не' праша што чекаме. Чекајќи, малку нервозно почнавме да разговараме помеѓу себе. Во тој момент, помина и Х.Р. (наш граѓанин сместен во истиот објект), ни се обрати и не' упати како да дојдеме до грчките „кирии“ кои треба да не' сместат. Тоа значеше дека треба да одиме во друга семејна куќа (граничи со хотелот) и таму да побараме помош. Така и беше. Грчката „кирија“ не' искачи по скалите, ни ја покажа собата, која почна тогаш, пред нас, да ја подготвува за престој. Си замина. Повеќе не ја видовме. Се сместивме. Паркинг-простор – улицата на која е забрането паркирање или ако сакате да не ве казнат, тогаш возилото треба да го паркирате премногу далеку.
Но, изненадувањата само што почнаа. Собата, пространа, трокреветна. Меѓутоа, ако со својата поубава половина сакате да спиете на брачниот кревет, ќе ви биде потребна мотка за прескок. Оној што спие до ѕидот нема никаква можност нормално да дојде до своето легло.
Бањата (ако може така да се нарече просторот кај тоалетот – приказна за себе). Лавабото во големина од 20х10 сантиметри со една најобична чешма, како оние од сретсело. Топла вода? Што сте смешни. Никогаш ја нема. И ако случајно се навалите да си го измиете лицето, со газот ќе удрите на спротивниот ѕид. Мора да се миете исправен. А наутро, за да добиете топла вода ,тушот мора да тече најмалку десетина минути. Се' е минијатурно. Небаре правено за џуџињата на Снежана.
На влезната врата од собата, саванци залепиле една страна текст со инструкции за однесување на гостите (посебно иритира оној под точка 3 што се однесува на „куќниот ред во објектот“), небаре во собата престојуваат вандали. И се виде каков ќе биде одморот. Кулминација на нервоза.
Тргнавме да се издуваме малку покрај море. Излегувајќи од „вилата“, одново се сретнавме со Х.Р., кој не' покани на кафе во својот „апартман“. Отидовме. Тој овде дошол со свои пријатели (М.Ј.), а ги сместиле на приземје. Нивните апартмани, пак, немаат никаков прозорец. Само една врата, покрај која може да минува секој. Ноќе вратата мора да биде затворена. Луфтирање или, пак, ноќен ладен воздух не можете да имате. Небаре фурна. Следниот ден дојдоа уште двајца мои познајници (Ј.Д.). Истата песна во саванската „вила“ „Ерато“.
По два дена го напуштивме објектот и назад во татковината.
По враќањето дома, се јавив во „Савана“. Соговорник ми беше извесна Ана Крстевска, која се претстави како Ass.Sales Manager. Рскоти плускоти – што ќе речат галичани.
Патем и јас сум некаков станодавец во Охрид. Меѓутоа, мојата понуда во однос на онаа од „Савана“ може да се вброи во понудата на синџирот „Хилтон“ |