29.08.2012, 18:24 Груевски во еден ден во Монтреал и во Торонто
Нема информации како поминал бизнис-форумот во Монтреал
Главната вест дистрибуирана од државната новинска агенција за роуд-шоуто на премиерот Никола Груевски со неколкумина министри во Канада е средбата со нашите иселеници во Торонто. Но, нема ниту збор како поминало презентирањето на македонските можности во франкофонскиот Монтреал, како што обично се случуваше со претходните роуд-шоуа. Ако се исклучи пораката на Груевски од иселеничката средба дека „сакаме да направиме силна држава, да се заврши приказната со македонското прашање и да се запечати нашата националност, јазик и идентитет. Да направиме посилна економска држава, да донесеме повеќе странски инвеститори и да ги охрабриме и помогнеме домашните инвеститори“, посетата на Канада во некоја рака е мистерија.
МИА во вторникот напладне објави дека владиниот тим ќе присуствувал на бизнис-форум во Монтреал каде што ќе биле презентирани инвестициските можности што ги нуди нашата земја, за шест часа подоцна да објави дека во Торонто веќе завршила средбата на Груевски со македонските иселеници.
Како се случило сето тоа во толку кусо време во двата града оддалечени 500 километри и зошто нема ниту збор кој присуствувал на бизнис-форумот не е јасно. Дури и на официјалната страница на Владата не е забележана средбата во Монтреал, туку само најавата дека бизнис форумот е организиран во соработка со Советот за меѓународни односи на Монтреал. На владината веб-страница доминираат соопштенијата за средбата со иселениците.
За настаните во Монтреал информација единствено може да се добие од фотографиите што ги објави МИА, на кои се гледа дека се одржала средба во помал круг и дека премиерот и соработниците го посетиле Институтот за неврологија во Монтреал.
На средбата во Торонто, Груевски им се заблагодарил на иселениците поддршката Македонија да стане силна држава и, конечно, да го реши проблемот со името. „Во овие прашања ако од некаде имаше непоколеблива поддршка, тоа беше од македонската дијаспора во Канада, во Америка, во Австралија. Можеби вие не го чувствувате тоа толку многу, но оној што е изложен на притисоци, оној што е изложен на критики, а тоа сме во моментот ние и целата група што работи со мене, целиот тим, нам многу ни значи тоа. Многу ни значи тоа што не ја заборавате Македонија“, истакнал Груевски.
Заминувањето на Флорида во САД се совпаѓа и со одржувањето на неколкудневната конвенција на републиканците, на која Мит Ромни треба да ја прифати кандидатурата за изборите за претседател. Конвенцијата веќе почна и се одржува во Тампа. Според претходно објавената програма, Груевски и владиниот тим треба да престојуваат наредните денови во Тампа и не е исклучено да присуствуваат на конвенцијата на републиканците, кои ги чувствуваат многу поблиску отколку демократите. (Љ.П.)
|