29.08.2012, 17:18 Интерпелација за претседателот на Регулаторна комисија
Парламентот ќе расправа за работењето на Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Пратеничката група на СДСМ поднесе вчера интерпелација за Петров откако Владата не одговори на барањето на опозицијата за разрешување на сите членови на Регулаторната комисија, поради постојаните поскапувања на струјата и на горивата.
Според Игор Ивановски, координатор на пратеничката група на СДСМ, Регулаторната комисија со одлуките за поскапување на струјата и на бензините ја предизвикала инфлаторната спирала, така што секојдневно растат цените на основните животни продукти. Очигледно е, рече Ивановски, дека Регулаторната комисија ги носи одлуките по нарачка на Владата.
„Во Србија ја вратија евтината дневна тарифа за струјата, Франција ги намали цените на бензините, други Влади за да ги ублажат ценовните шокови преземаат серија мерки, а македонската Влада и нејзините послушници во Регулаторна комисија не преземаат ништо и работат во спротивност на интересите на граѓаните“, рече Ивановски.
Од ВМРО-ДПМНЕ се огласија со писмената реакција, наведувајќи дека цената на нафтените деривати е директно поврзана со цената на енергенсите на светските пазари.
„Лага е дека цените на енергенсите зависат од ВМРО-ДПМНЕ. Нивната вредност не ја регулира Владата, туку независна комисија која ги следи ценовните вредности на светските берзи. Македонија веќе 20 години опстојува во отворена економија и никако не може да биде исклучок од овој процес и да биде имуна на светските трендови“, се вели во реакцијата.
Од владејачката партија и овој пат посочија дека продажбата на ЕСМ е извршена во времето на СДСМ. (П.Р.) |