29.08.2012, 17:43 ОБСЕ бара министрите да седат мадро пред избори
Од моментот кога ќе се кандидираат на избори, членовите на Владата треба да извршуваат само „технички“ надлежности, со цел да се обезбеди јасна одвоеност на државата и политичките партии
Гордана Дувњак
Од моментот кога ќе се кандидираат на избори, членовите на Владата и заменик-министрите би требало да извршуваат само „технички“ надлежности, со цел да се обезбеди јасна одвоеност на државата и политички партии. Ова е една од клучните забелешки содржани во најновото заедничко мислење на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанското мислење на предложените измени и дополнувања на Изборниот законик и на Законот за финансирање на политичките партии што ги изготви Министерството за правда, а што ексклузивно го објавува „Утрински весник“.
Мислењето на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија ќе биде разгледано на утрешниот состанок на работната група што работи на изготвување на измените на Изборниот законик, а во која членуваат претставници на политички партии, на ДИК, Советот за радиодифузија, Државниот завод за ревизија, како и експерт. Домашниот експерт што го ангажираше ОБСЕ е професорката од Правниот факултет во Скопје, д-р Гордана Силјановска. Како што појаснуваат од Министерството за правда, откако работната група ќе даде виза околу забелешките, тие ќе треба да се најдат и пред Управувачкиот комитет со кој претседава вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи. А, потоа ќе одат на повторно разгледување во Владата, а оттаму во парламентот на прво читање, кое треба да заврши до крајот на септември, а во пресрет на посетата на еврокомесарот Штефан Филе.
И покрај тоа што овие реномирани меѓународни организации генерално ја поздравуваат подготвеноста на властите за подобрување на изборната правна рамка, како и некои конкретни решенија, предвидени во работната верзија која веќе го помина првиот владин праг и се наоѓа во собраниска процедура, се бара јасна дефиниција околу тоа што претставува „техничка надлежност“, како и јасност во врска со санкциите за можните прекршоци.
Доколку се усвојат овие препораки, дали тоа значи дека на локалните избори во март ќе се стави крај на ударничките походи на министрите и замениците во пресрет на гласањето? Ќе изостанат ли сликите од секојдневно поставување камен-темелници, сечење ленти, како и изгласување поволности за одредени категории граѓани, кои првенствено се избирачи?
Во документот, кој веќе се наоѓа во ресорното министерство, пофалени се одредбите во делот за извештаите за финансирање на политичките партии и кампањи и ревизија, бидејќи се во насока на „зајакнување на навременоста, упатството и обуката“. Сепак, се констатира дека се' уште остануваат некои предизвици во однос на разликите во прагот на донации за кампањи меѓу поединци и правни субјекти. Се забележува недостаток во врска со детализирањето на финансиските трошоци за кампањите, отсуство на ревизија на извештаите пред денот на изборите, како и на рокови за ревизија на годишните финансиски извештаи.
Се нотира дека во Изборниот законик се предвидени рокови за судовите при одлучувањето по однос на жалбите против радиодифузерите поднесени од Советот за радиодифузија. Сепак, сметаат дека пропишаните рокови остануваат долги и не обезбедуваат навремено решавање на жалбите.Се поздравува воведената обврска за ДИК јавно да ги објавува записниците од седниците, одредбите во врска со редоследот на кандидатите на гласачкото ливче, како и правото на гласање во куќен притвор.
Во мислењето се укажува и дека многубројни препораки од Конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХИР за предвремените парламентарни избори во 2011 година не се адресирани во предложените законски измени. Како такви се споменуваат: рестриктивната регулатива во однос на времетраењето на кампањата и на кампањските активности, деталните правила за медиумско покривање, правото на домашните и на меѓународните набљудувачи да добијат примероци од записниците за целосните резултати од избирачките одбори и општинската изборна комисија, а не само сумираните резултати. Не се отстранети ни рестрикциите, кои ги ограничуваат учесниците во изборната трка да поднесат жалби само за дејства на други учесници, не се разгледани ни препораките во врска со гласањето на дијаспората... (Г.Д.)
Беџети: Важна е коректноста на учесниците на изборите!
„По природа сум прагматичар и верувам дека без оглед на измените на законската регулатива, она што е најбитно за да биде успешен еден изборен процес, тоа е коректното однесување на учесниците во изборниот процес“, вели министерот за правда, Блерим Беџети. Тој потсетува дека по лошо спроведените избори во 2008 година, кога имаше многу нерегуларности, па дури и жртви, последните изборни процеси се поквалитетни, а интензивно се работи на подобрување на изборната регулатива.
Министерот нагласува дека како држава настојуваме да вградиме што повеќе препораки од ОБСЕ/ОДИХР, но мора да се води сметка и за укажувањата на ГРЕКО, од кои некои се во контрадикторност со претходните. |