13.08.2012, 17:18 Доследна имплементација без партизирање и политизирање
Опозицискиот СДСМ вчера изјави дека рамката што ја дава Охридскиот договор е доволно широка и мора доследно да се имплементира и да не се партизира и политизира.
„За СДСМ тој е една од клучните бази во општеството што гарантира стабилност за државата и мислиме дека рамката што ја дава Охридскиот рамковен договор е доволно широка. Сметаме дека 11 години по потпишувањето, Македонија може да каже дека беше значително стабилизирана со овој важен договор“, изјави вчера на прес-конференција партискиот потпретседател Гордан Георгиев.
Одговарајќи на новинарско прашање до каде е имплементацијата на Рамковниот договор, Георгиев рече дека во изминатите 11 години тој имал подеми и падови.
Според СДСМ, кај владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ има тенденција на партизирање и политизирање на Рамковниот договор, пред се', со вработувањето неквалитетни кадри.
Георгиев на прес-конференцијата оцени и дека во Македонија има влошување на состојбите во најважните области, економијата, здравството, слободата на говорот... за што државата добила негативни меѓународни оцени. „Речиси не постои релевантен меѓународен институт каде што Македонија бележи напредок“, наведе Георгиев. (П.Р.) |