25.10.2012, 18:08 СДСМ е на потег за Струга
ДПА го предупреди опозицискиот фронт да не номинира кандидат за струшки градоначалник
Техничката соработка за локалните избори што ја договорија летово опозиционерите Бранко Црвенковски и Мендух Тачи ќе биде доведена во прашање ако опозицискиот фронт што го предводи СДСМ номинира свој кандидат за градоначалник на Струга, кој, практично, би му бил и противкандидат на Зијадин Села од ДПА.
„Нема никакви недоразбирања со СДСМ околу договорот со ДПА кандидат за градоначалник за Струга на престојните локални избори да биде од редовите на нашата партија“, изјави вчера Тачи.
Тој рече дека досега со Црвенковски не разговарал за локалните избори во Струга и дека очекува СДСМ да го поддржи нивниот кандидат Зијадин Села. „Договорот беше јасен и прецизен. Во сите општини каде што Албанците се мнозинство, СДСМ ќе го поддржи кандидатот на ДПА. Сметајте дека не постои договор доколку се постави како прашање и само ’С’ од Струга. Тоа не е спомнато во ниеден разговор со СДСМ“, рече Тачи.
Со вчерашната изјава, лидерот на ДПА ги расчисти нагаѓањата околу причината за недоразбирањата што неодамна искрснаа во комуникацијата меѓу двете опозициски партии, кои имаа различни ставови и за законот за бранителите и при гласањето за иницијативата за недоверба на Владата... На прашањето дали му забележува на Црвенковски за „антиалбанска реторика“, Тачи рече дека тоа се само зборови кои не можат да бидат ефектуирани.
Од СДСМ сметаат дека техничката соработка меѓу опозициските партии од македонскиот и од албанскиот политички камп треба да продолжи и да се реализира на локалните избори. И покрај првичните неофицијални најави дека социјалдемократите во Струга повторно би можеле да застанат зад кандидатура на претседателот на ПЕИ, Фиат Цаноски, или да го поддржат неговиот син Сефер Цаноски, од СДСМ велат дека во партијата досега не го отвориле прашањето за тоа како ќе настапат во Струга или во Кичево и дека се подготвени за разговори на таа тема со партнерите.
Според партиски информации, Тачи и Црвенковски веќе имале средба, на која ги расчистиле недоразбирањата што ја испровоцираа ДПА да размислува за прекинување на соработката.
Раководствата на двете партии, пред неколку месеци, се договорија да соработуваат на локалните избори, уште во првиот круг, така што СДСМ нема да истакнува кандидати за градоначалници во општините каде што мнозинството гласачи се етнички Албанци, а во другите етнички мешани средини ДПА да ги поддржи кандидатите на СДСМ, односно на опозицискиот фронт. (А.М.М.) |