20.04.2013, 11:57 Металург ги вжешти печките за Кјељце
Македонскиот првак максимално мотивиран за израмнување на сметките за двата тесни пораза во групата и за патување со предност на реваншот во Полска
Роберт Димитриевски
„Колку би било убаво една мала земја како Македонија да има претставник на фајнал-форот во Келн. Имаме право да сонуваме за тоа и јавно да го кажеме, нели?“, се насмеа Лино Червар, загадочно вртејќи со главата и ловејќи ги реакциите на присутните. Металург под негово водство в недела од 17 ч. во „Борис Трајковски“ против Кјељце ќе испише нова страница во историјата на македонскиот клупски ракомет како прв учесник во четврт-финалето на ракометната Лига на шампионит��. Иако и полскиот првак се надева дека по реваншот на 28 април на свој терен ќе го прослави првиот пласман на завршниот турнир во најсилното европско клупско натпреварување, таквиот успех на „металурзите“ би бил уште поголем како екипа што стигнала до групите од ЛШ низ квалификациите.
„Кјељце е апсолутен фаворит и тоа не е никаква новост“, ја смирува еуфоријата Червар. „Во таа екипа има петмина играчи што сум ги тренирал (Хрватите Лозерт, Чупиќ, Бунтиќ, Штрлек и Муса - н.з.), потоа најдобриот ракометар на Словенија (Зорман), на Полска (Шмал), одлични играчи од Србија (Стојковиќ), од Исланд (Олафсон). Пополнети се на сите позиции со по два извонредни ракометари и со мислите се веќе во Келн, колку и да се коректни нивните изјави. Но, од искуство знам дека во животот, како и во ракометот, не победуваат секогаш фаворитите. Во тоа е и убавината на спортот - кога Давид ќе го совлада Голијат со обична праќа“.
Приказната од Библијата на хрватскиот ракометен стручњак му е еден вид мантра во мотивирањето на својот тим. Но, покрај духовно, тој се обидува да ги инспирира играчите и со конкретни параметри од двата меѓусебни дуела во групната фаза од ЛШ сезонава (21:23 во Скопје и 20:21 во Кјељце), посебно од реваншот во Полска.
„Во првите 25 минути од тој меч ни дадоа само три гола од игра, и тоа на домашен терен! Дојдоа до кислород дури откако ние станавме еуфорични“, потсетува Червар, нагласувајќи ја по илјадити пат играта во одбрана како клучен предуслов за историски триумф во двомечот со Полјаците.
„Сега почнуваме од нула“, реплицира неговиот колега од противничката клупа Богдан Вента. „Реваншот на домашен терен е мала предност, но во рамките на групата бевме подобри во Скопје отколку во Кјељце, каде што цел натпревар го бркавме водството на противникот. Тоа зборува дека двете екипи се многу израмнети според квалитетот, што гарантира два многу возбудливи меча и 120 минути многу добар ракомет“.
И Вента, како и Червар, се соочува со проблеми со повредени ракометари. Во полскиот состав долго отсуствуваа Чупиќ, Штрлек, Томаж Росински и Гжегорж Ткачик, Кшиштоф Лиевски го мачи Ахиловата петица, а Бунтиќ беше болен. Кај Металург, пак, голманот Петре Ангелов мора на операција на менискусот и за него сезоната е завршена, исто како и за Дејан Манасков, а реконвалесценти се Филип Миркуловски, Велко Маркоски, Наумче Мојсовски...
Сепак, Червар вели дека, освен Ангелов и Манасков, сите други ќе стегнат заби и ќе настапат „макар и со една нога“, бидејќи вакви средби се играат сега и кој знае кога во кариерата. Во тој поглед најискусни се Словенците Ренато Вугринец од Металург и Зорман од Кјељце, кои заедно се радуваа на европската круна во 2004 година како тогашни членови на Целје Пивоварна Лашко, а средниот бек на Полјаците уште два пати триумфира во ЛШ со Сиудад Реал во 2008 и во 2009 година.
Покрај дуелот во Скопје, викендов во рамките на четврт-финалето ќе се пресметаат и Атлетико Мадрид на Кирил Лазаров со Барселона вечерва од 19 ч. во мадридската сала „Висталегре“, а в недела ќе се сретнат Кил и Веспрем од 17,15 ч., како и Флензбург и Хамбург од 18,45 ч. Возвратните натпревари се следниот викенд, а четирите севкупни победници ќе се пласираат на финалниот турнир закажан за 1 и 2 јуни во арената „Ланксес“ во Келн.
|