07.11.2011, 18:15 Тодоров не ја видe изгланцаната болница
Вработените се отепаа од средување на сите одделенија викендов
Иван Бојаџиски
Штип – Раководството на штипската Клиничка болница вчера не го дочека министерот Никола Тодоров. Тој не дојде да ја види светнатата болница, иако завчера јавно порача дека токму од Штип тргнува неделава во инспекција на нашите здравствени институции. Вработените во болницата викендов папсаа од гланцање и од средување на сите одделенија на кругот на болницата. „Се утепавме од работа, ама испадна за џабе. Министерот не дојде за да ја види нашата мала регионална клиника во едно поинакво светло од она на кое сме научени ние самите, а и нашите пациенти и нивните најблиски. Сепак, ако има нешто добро во целата оваа по малку хумористична приказна, тоа е што по толку долго време болницата светна во секоја смисла“, ни изјави еден од специјалистите во болницата.
Во неделата попладне, но и цела вечер, малиот број хигиеничарки, потпомогнати од болничари, мајстори и од друг помошен персонал работеле вредно како мравки. Наредбата што дошла од раководството била сите одделенија во болницата да светат, а исто и помошните простории.
„Нам не ни се најави министерот. Ние од медиумите слушнавме дека својата посета на здравствените институции ќе ја почне од нашата Клиничка болница. И, со една таква информација, ние си имавме редовни активности. Е сега, кога има најава дека ќе ви дојде ексклузивна личност, вие секогаш правите нешто повеќе, не само заради впечатокот што треба да го оставиме на министерот, туку и поради потребите во таа насока“, ни изјави Силвана Сичева, финансиски директор на болницата.
„На министерот ќе му предочиме дека болницата сега ја има целокупната модерна апаратура за сите одделенија, дека имаме зголемен број пациенти од регионот, но и дека имаме голем недостиг од лекари-специјалисти, болничари, хигиеничари. И при сите наши досегашни средби во усна комуникација со надлежните во државата, сме укажувале на овие големи проблеми што сме ги имале како регионална Клиничка болница, а сме потсетувале и преку писма, но резултатот не е на потребното ниво“, појаснува Сичева.
Клиничката болница има недостиг од околу стотици лица од разни профили, а за да го намали притисокот од недостиг на специјалисти, таа во моментот, на свој трошок, има испратено на специјализација 30 доктори. Поучени од поранешното искуство, по завршување на специјализацијата кадарот да оди во приватните болници, решија да ги „затегнат“ условите. Ако порано за секоја година стажирање специјалистот мораше да одработи ист број години или да ги врати парите, сега за една година на специјализација на болницата мора да и' се вратат две години работа во истата. „И тоа не е решение, бидејќи тие чијашто специјализација сме ја финансирале можат да ги вратат парите, а нам не ни требаат пари, туку специјалисти. Решението е специјалистите да бидат наградувани како во приватните болници. Тогаш нема да има такви пребегувања, дури може во спротивна насока“, укажува директорката Сичева.
Во секој случај, ако Тодоров неделава навистина дојде во Штип, ќе го чека една прилично нашминкана ситуација. Со чисти чаршафи, стегнати кревети, пристојна храна, светнати ординации, насмеани лица... Ама и со факти за тоа што му недостасува на овој регионален здравствен капацитет што опслужува околу 200.000 жители.
Лажна тревога
Најавата дека штипската болница од вчера ќе биде под министерска опсервација била лажна тревога. Тимот од Министерството за здравство ќе пристигне во болницата дури идната недела. „Лошо беше пренесена најавата. Неделава се прави анализа на состојбите во болницата - долгови, каде се проблемите, број на вработените. Ќе се испрати и допис до болницата за доаѓањето на тимот. Тимот сега прави подготовки, а од идната недела ќе се појави на терен“, објаснија од Службата за односи со јавноста при Министерството за здравство.
|