01.04.2012, 19:08 Во полициската акција „Детонатор“ приведени десетици лица
Од првично приведените 23 лица од Кочани, Виница и Крива Паланка, шестмина се сомничат дека се водачи на голема криминална група
Во голема акција на полицијата, со оперативно име „Детонатор“, која беше спроведена во саботата, од еден часот по полноќ па се' до раните утрински часови, во две дискотеки во Кочани и Виница и во уште неколку домови се приведени вкупно 23 лица. Најголемиот број од проведените се сомничат дека создале злосторничко здружение и тие во текот на вчерашниот ден беа спроведени пред истражен судија во скопскиот Кривичен суд.
Акцијата на полицијата е реализирана по повеќемесечна истрага, а на удар биле лица од Кочани, Виница и Крива Паланка за кои полицијата имала сознанија дека се занимава со изнуда, тргувала со наркотици и оружје, перела пари и земала пари со лихва, притоа предизвикувајќи страв и вознемиреност кај населението.
„Тоа што беше групата на Бајруш Сејдиу за Куманово, оваа група беше за Кочани, Виница и останатите градови во околината. Тоа што беше ’Пепел’ за Бајруш, истото е ’Детонатор’ за оваа група. Со други зборови, со оваа операција ставаме крај на беззаконието и теророт кој оваа група го вршеше врз граѓаните во Источна Македонија“, изјави министерката Гордана Јанкуловска, која појасни дека шестмина од приведените се товарат за злосторничко здружување, а преостанатите десетмина, кои се на возраст од 21 до 43 години, за дела од областа на насилниот криминал, недозволената трговија и финансискиот криминал. Според досега обезбедените докази, оваа група организирала и едно убиство. Некои од осомничените дополнително ќе бидат пријавени и за недозволено изработување, држење, и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Како што потврдуваат од МВР, преку агенцијата за обезбедување на имот „Титан Груп“, организаторите на групата принудиле три лица од Кочани да плаќаат надомест за обезбедување на објектите. Тие најнапред им ги оштетувале објектите, а потоа им нуделе да потпишат договори за обезбедување. На сопствениците на локалите им се доставувале фактури или се плаќало со компензација. Припадниците на групата ја искористувале тешката имотна положба на други лица, па договарале заеми за високи камати. За ненавременото исплаќање на каматата, лицата кои зајмувале биле и физички малтретирани.
Припадници на групата биле инволвирани и во набавката на фалсификувани евра од Бугарија, а тргувале и со наркотици. Двајца од пријавените во текот на минатиот месец договориле нелегално купување на покер-апарати кои биле инсталирани во нелегална коцкарница на улицата „Маршал Тито“, во центарот на Кочани.
За двајца од пријавените се вели дека се инволвирани во поставувањето на експлозивни направи под возило „сеат леон“, паркирано на булеварот АВНОЈ, во Скопје. Станува збор за возило со чиј сопственик тие биле во непријателски односи. Во првиот случај оштетениот ја забележал експлозивната направа, а во вториот случај била активирана од далечина и тој бил потешко повреден. Минатиот месец еден од осомничените имале намера со ловечка пушка да го лишат од живот истото лице и тоа во миговите кога го претекнувал, но не успеал да ја оствари својата намера.
Инаку, во акцијата наречена „Детонатор“ учествувале околу 300 полициски службеници и инспектори на УЈП. Тие извршиле претреси во домови и други простории на 23 лица, а се претресувале и две дискотеки и два други локали.
„Во дискотеката во Виница полицијата упадна околу 1,15 часот. Полицијата нареди никој да не се мрда од место. Не' претресоа сите и не' држеа цели два часа. Во тој миг во дискотеката имаше меѓу 150 и 200 млади на возраст од 16 до 20 години. Во еден миг маскираните полицајци почнаа да изнесуваат некои од присутните во дискотеката. Сите бевме во шок од тоа што се случуваше во тие два часа. Од големиот страв на неколкумина им се слоши. Нешто по три часот бевме пуштени да си одиме дома“, ни изјави еден млад виничанец, кој во моментот на полициската интервенција бил во дискотеката.
Исто се случувало и во дискотеката во Кочани. Во тој град имало и повредени. Родителите на приведените тврдат дека полицијата брутално ги претепала нивните деца и најавија дека за тоа ќе ги известиле меѓународните институции.
Инаку, при претресите биле пронајдени и одземени шест пиштоли, еден малокалибарски, еден гасен и еден сигнален пиштол, четири ловни пушки, 7 рамки за пиштол, две воздушни пушки, 249 парчиња муниција за автоматска пушка, 414 куршуми за пиштол, 10 куршуми за сигнален пиштол, 36 патрони за ловна пушка, седум оптички нишани, три панцири, две катани и две безбол-палки, девет пендреци на расклопување, еден боксирач, а одземени се и џип БМВ Х5, 622.350,00 денари, 41.880 евра, 11.567 американски долари, 625 австралиски долари, 180 британски фунти и друга валута, како документи за бугарски пасош, договор за заем, договори за вршење деловни услуги, компјутери и мобилни телефони.
Двајца од пријавените во моментот не се достапни и по нив се трага. (Љ.С.- И.Б.) |