08.12.2008, 16:51 Национална галерија - шест децении постоење
Утревечер во Даут-пашиниот амам ќе биде отворена изложба на обновената ликовна поставка
Катерина Богоева
Националната галерија на Македонија, некогашната Уметничка галерија, утревечер со отворање на изложба во Даут пашиниот амам во 20 часот ќе го започне одбележувањето на 60 годишнината од своето постоење. Ќе бидат презентирани околу 200 дела од обновената националната поставка, која ја сочинуваат досега неизлoжени дела од реномирани автори. Предвидено е централната манифестација да ја отвори премиерот Никола Груевски, a пред публиката да настапат оперскиот пеач Борис Трајанов и музичките групи Баклава и квартетот Еклибриум. До крајот на годинава во рамките на јубилејот ќе бидат отворени уште две изложби, во Чифте амамот изложба на дела од професори по ликовна уметност на Државниот и приватните универзитети во земјава, а во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ ќе се претстават млади автори до 30 години. „Стручниот тим од оваа институција и надворешните соработници меѓу кои се и Антоанела Петковска, Љубен Пауновски и Јулија Гелевска учествуваа во конципирањето на изложбата, давајќи насоки како поставката во иднина би требало да се освежува и промовира, тргнувајќи од фактот дека многумина автори од нашата уметничка ликовна сцена во неа не се застапени. Годинава имавме среќа, да добиеме на подарок 15 дела од неколку автори, од академиците Томе Серафимовски и Боро Митриќевски, од Нове Франговски, Новица Трајковски и Таки Павловски и од членовите на босанска ликовна група „Каммен“. Да се промовира 6 децении секоја од дисциплините на македонската современа уметност (сликарство, графика, скулптура и инсталација), е голема гордост, а тоа оваа институција и го заслужува“ – изјави актуелната директорка на Националната галерија, Маја Крстевска, потенцирајќи дека од богатиот галериски фундус кој брои околу 2 000 дела, за презентација во оваа прилика се издвоени уште 10-20 дела од доајените на македонската ликовна уметност, но и дела од авторите од помладата генерација. Едно до друго ќе бидат изложени дела на првите две жени, сликарки од Македонија, „Автопортрет“ на Елена Стефанова од 1945 година и „Портрет на Милка Ризова“ на Катја Ефтимова од 1943 година. Публиката ќе може да ужива и во уште едно дело од Петар Мазев „Црвенокосата“, до кое е поставена и сликата „Сеќавање“ на Пецо Видимче, а во истата галериска просторија во некогашниот амам, ќе бидат изложени и дела на Борко Лазески, Борислав Траиковски, Михајло Шојлев, Никола Мартиноски и други. Прв пат ќе бидат презентирани и акварели на Киро Караџа и на познатиот акварелист Умер Ејуп под наслов „Прилеп со Саат-кула“ и „Биволица“, од 1950-52 година.
Освен делата на овие двајца автори кои по 1946 година се вклучуваат во ликовниот живот на земјава, на изложбата ќе можат да се видат и дела на Здравко Блажиќ, Димче Протуѓер, Љубомир Белогаски, но два акварела на познатиот карикатурист Василие Поповиќ - Цицо , „Пејзаж од Скопје“ и „Пејзаж од Париз“, од 1953-1955 година. Постојаната поставка е збогатена и со дела од автори од помладата генерација Беди Ибрахим, Исмет Рамиќевиќ, Вана Урошевиќ и други.
Националната поставка во Даут пашиниот амам е отворена во 2000 година со презентација на 170 дела од 63 автори, почнувајќи од 14, а завршувајќи со 20 век. Иконата „Благовештение“ од иконографската школа на браќата Михајло и Евтихиј се смета за најстаро дело од колекцијата.
Во просторот на претходно реставрираната, некогашна бања, во 1948 година е и формирана Уметничката галерија од страна на ликовните авторитети, историчарот на уметност Димче Коцо и ликовните автори Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димо Тодоровски и Борко Лазески. Нејзината збирка е создавана со откуп на дела од просторот на поранешна Југославија, финансиран од страна на тогашната републичка влада. На почетокот на овој милениум галеријата прерасна во национална, збогатена со уште три објекти, Чифте-амам, Мултимедијалниот центар „Мала станица“ и Музејот на Лазар Личеноски, а нејзиниот трезор од досега собраното богатство го чинат, македонската ликовна збирка, збирката на ликовни дела од поранешните југословенски републики, како и збирките на цртежи и графики.
„Презадоволна сум од посетеноста на Националната галерија, но можеби би сакала да биде поголема во Чифте-амамот од страна на нашата публика, бидејќи странците го знаат објектот. За идната година постои предлог во посебна поставка таму да ги изложиме делата од балканскиот простор што оставиле посебен белег, дела од автори од Словенија, Србија, Црна Гора, Хрватска, купувани пред 50-60 години, а датирани од крајот на 19, до почеток на 20 век. Таа збирка заслужува посебна монографија и посебен публицитет за да не остане во депото“ - вели Крстевска и посочува дека и на оваа институција и недостигаат средства за откуп на ликовни дела, поради што до Министерството за култура е упатен и предлог за оформување на посебен фонд за такви намени. Смета дека галеријата заслужува да има повеќе дела, а очекува нивниот број да се зголеми и со поинтензивна соработка со странски автори. Од државата очекува да одвои средства и за одржување на двата стари објекти, за отворање на лабораторија за конзервација, како и за 24 часовно професионално обезбедување на објектите. Поранешната директорка на галеријата, Викторија Васева Димеска во чие што време на раководење беше отворена националната поставка и Чифте амамот, укажува на потребата од поголема активност во овој и во просторот на Даут пашиниот амам.„Галеријата има извонредни услови да направи нешто повеќе, но треба да се се распоредат силите, да се работи и со проширени тимови од професионалци надвор од неа, заради поголема објективност и тежина во приодот. „Мала станица“ е атрактивен простор и привлекува, особено млада публика, но останатите се малку запоставени. Поставката е неупристоена, без сјај, а од богатата ризница на галериски дела, можат на секој 3- 4 години да се прават различни поставки. Чифте амам го отворивме со настап на музички групи и беше почетен влог за оживување на чаршијата, но требаше да се издржи во идејата. Никого не обвинувам, сите заедно сме виновни, но на двата стари објекти денес им недостига поголема живост, поголема реклама за нивните содржини. Остана недовршен, нерасчистен од дуќаните просторот пред Чифте амамот, кој сега не е видлив колку што треба и му недостига свечениот момент кој треба да биде присутен кога му приоѓаме“.
Златко Теодосиевски, кој пак со институцијата раководеше во период на отворање на „Мала станица“, по повод јубилејот изјави:„Од денешна перспектива на, практично, прв директор на Националната галерија на Македонија, сметам за потребно да потенцирам дека фактот на етаблирањето на институција како Националната галерија уште еднаш ја потврди Македонија како сериозна проевропска културна држава со нагласена грижа за ликовното / визуелното наследство. Но, од друга страна, а имајќи ја предвид познатата изрека nomen est omen односно дека имињата, називите обврзуваат, таквите институции се потврдуваат само и единствено низ сериозната, темелната, професионалната ... активност и придонесот, “зрачењата” што ги еманираат локално, но пред се’ глобално. Институциите од овој тип и формат мораат да бидат „жешки” јадра на нови визии и концепти, вриеж на естетски / етички идеи и показ за недискутабилни вредности и стандарди. Само ако така ги поставуваме и согледуваме нашите активности - во минатото, денес но и утре - ќе можеме вистински и одговорно да оцениме што и како сме сработиле, дали и колку сме се доближиле до светот којшто, за наша жал, во уметноста граби со чекори од девет милји“. |