13.05.2012, 18:16 Суспендирани вработени во УЈП за „Детонатор“
Суспендирани се 24 управ��ици, координатори, шефови на даночни шалтери во Штип, Битола...
Во управите за јавни приходи во Штип, Битола и во Тетово се суспендирани 24 вработени кои директно или индиректно биле инволвирани во активностите поврзани со акцијата „Детонатор“. Суспендирани се тројца управници на регионалните дирекции на УЈП во Штип, Битола и во Тетово, четворица координатори на даночните одделенија во Прилеп, Куманово, Охрид и во Кичево, петмина шефови на даночни шалтери во Крива Паланка, Делчево, Берово, Виница и во Демир Хисар и 12 контролори во инспекција во Штип, Битола и во Тетово.
„УЈП со овие кадровски промени, односно со суспендирањето на овие 24 лица покажува дека неселективно ќе се бориме против сите појави на сива економија, криминал и прекршување на законите во Македонија и сите кои директно или индиректно се инволвирани во тоа ќе понесат одговорност“, истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, на вчерашната заедничка прес-конференција со директорот на УЈП, Горан Трајковски.
По откривање на „Детонатор“, УЈП извршила контроли кај уште 38 субјекти кои приредувале игри на среќи и кај кои е констратирано дека не поседувале лиценци, при што им се изречени соодветни мерки. За две години при контрола на обложувалници, автомат-клубови и казина кои приредуваат игри на среќа е утврден вкупен долг во износ 125 милиони денари. Изречени се и прекршочни глоби за приредувачите во висина од 211.500 евра.
Опозицискиот СДСМ вчера реагираше на соопштените суспензии тврдејќи дека тоа биле „евтин обид да се прикрие одговорноста на најповиканите: вицепремиерот Ставрески и директорот на УЈП, Горан Трајковски. Не може за незаконски активности, криминал со стотици покер-апарати, неплаќање обврски кон државата, да бидат одговорни контролори-инспектори, шефови на даночни шалтери, координатори на даночни одделенија и управници на регионални дирекции на УЈП. На сите им е сосема јасно, беззаконието било толку големо и траело со години така што тоа не можело да се случува само со знаење на пониските ешалони на власта“, вели во реакцијата СДСМ. (Ек.Р.) |