05.02.2012, 18:00 Mуличкоски ќе и' помага на Владата, ама не за фасадата
Деспина Трајковска
Авторот на постоечката владина зграда, Петар Муличкоски, нема да биде консултат при нејзината обнова во барокен стил иако од Владата го посочија како дел од тимот за реконструкција на објектот. Муличкоски вели дека не прифатил да им дава консултации на авторите на новата фасада која во петокот беше избрана како конечно решение по кое ќе се реконструира владиниот објект.
„Тоа не е вистина. Јас не сум прифатил да бидам консултант, ниту, пак некој воопшто ме информирал дека е извршен конечен избор и барокната фасада е избрана за идејно решение. Апсолутно, стојам на ставот дека тоа решение е искривоколчено, тоа е идеолошка фасада, целиот случај е маскарада, театарска претстава. Барокната фасада од корен ќе го смени изгледот на зградата и е всушност доказ дека не станува збор за обична реконструкција на фасадата како што тврдат“, коментира Муличкоски.
Тој вели дека минатата седмица добил писмо од генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, во кое му било понудено да соработува. Му предложил да биде во улога на траен стручен соработник. Но, како што објаснува, во писмото ништо не било конкретизирано, за кои градби би ги советувал и кога би ја оствариле соработката.
„Се уште не сум испратил одговор. Прифаќам да соработуваме, но не за фасадата на владината зграда, туку доколку имаат потреба за некои други градби што ги планираат или веќе се во фаза на реализација“, вели Муличкоски. Тој, инаку, кога се промовираше идејата за обнова на владината фасада инсистираше таа да се поднови по негова идеја. Но беше одбиен со образложение дека не поседува соодветни лиценци.
Стручна комисија, чии членови не ги соопштуваат во јавноста, во петокот одлучи владината зграда да се реконструира во барокно здание. Таа фасада, која е дело на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, беше избрана меѓу петте пристигнати на конкурсот. Владата отвори интернет анкета за гласање на граѓаните на која се тврди дека победило „барокното“ решение. |