05.02.2012, 17:56 Се шири грчкиот фронт против Привремената спогодба
Атина - Дел од грчките националистички организации и христијански монашки здруженија го поддржуваат и промовираат предлогот за грчко откажување од Привремената спогодба. Весникот „Катимерини“ пренесува дека се зголемува бројот на дипломати и експерти кои го поддржуваат тоа, а на иницијативата и' се приклонуваат и таканаречените „панмакедонски“ организации во Солун и пошироко во северна Грција и грчките организации од дијаспората. За потсетување, предлогот Грција да се откаже од спогодбата први го изнесоа Александрос Маљас и Евагелос Кофос, и тоа веднаш по одлуката на Меѓународниот суд во Хаг за тужбата на Македонија против Грција околу прекршување на Привремената спогодба. Според Кофос и Маљас, спогодбата одамна веќе не им служи на грчките интереси, а постојат и толкувања дека доколку Грција се откаже од спогодбата, во „отказниот“ рок од една година ќе има поголем притисок и можеби и поголеми можности за решение на спорот.
Еден од поддржувачите на идејата е и Димитрис Караитидис, почесен амбасадор и директор на дипломатската канцеларија на Андреас Папандреу во времето кога била потпишана спогодбата.
„Во тогашните услови добро беше што се потпиша спогодбата затоа што ја подобри климата. На најсилен начин се призна исто така дека постои нерешено прашање поврзано со името и се создаде атмосфера на приземјеност и трезвеност, која требаше да доведе до подобрување на работите“, вели Караитидис. Сепак, според него, Македонија следела добро разработена опструктивна политика, која одела против правилата на спогодбата, а Грција требало уште од поодамна да реагира против таквите прекршувања од македонска страна. (М.П.) |