08.06.2012, 17:07 Разногласие во СДСМ за коалиција со Георгиевски?
Од таборот на Црвенковски негираат дека постои разногласие во партијата во поглед на можната коалиција
Наум Котевски
Може ли да се случи евентуалното коалицирање со ВМРО-Народна на Љупчо Георгиевски да му отвори дополнителна работа на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој во една таква се' уште хипотетичка ситуација, според наши извори во неговата партија, освен што ќе мора да работи на реализација на стратегијата за уривање на власта, ќе треба да губи време и со балансирање на незадоволството на некои негови блиски соработници, кои не се баш пресреќни поради оваа до неодамна невозможна прегратка.
„Не знам колку е добра идејата да се коалицира со Љупчо Георгиевски. Нема никаква гаранција дека тоа ќе ни донесе позитивен ефект. Не станува збор за некое далечно минато, туку за период на кој сите се сеќаваат“, велат нашите извори, кои стравуваат од незадоволство и во општинските комитети на партијата, кои треба да ја одработат главната задача во подготвувањето на теренот за локалните избори наредната година.
Од СДСМ негираат дека постои какво било разногласие во партијата во поглед на можната коалиција.
„Тоа се апсолутно неточни информации. Тотални дезинформации. Одлуките поминаа на Централен одбор со поддршка од сите членови. Иста беше и поддршката за продолжување на соработката со другите 16 членки од опозицискиот фронт. Во моментов воопшто не сме загрижени за различните идеологии. Имаме повисок приоритет пред себе - да ја спасиме земјата од лошото владеење на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од најголемата опозициска партија, чиј лидер Бранко Црвенковски во последните јавни настапи кажа дека ниту Господ не можел да го спои со Георгиевски, но дека се појавил Никола Груевски, кој, според него, со својот начин на водење на државата генерира огромна сила за спојување на идеолошки различните политички актери.
Според Црвенковски, сите партии кои дејствуваат опозициски се сложуваат дека актуелната Влада ја носи државата во пропаст. Дека, како што вели, ни се случува немилосрдно уривање на демократските процеси и дека евроатлантските интеграции се блокирани, а економијата е во очај. Сето тоа, потенцира Црвенковски, соработката ја прави реална.
„Ние сме отворени за сите. И за Георгиевски, и за Жерновски, и за Руфи Османи и за Али Ахмети. Доколку некој, пак, не сака, ние сме подготвени и сами да ја извојуваме оваа битка“, рече Црвенковски во интервју на Алсат.
Во ВМРО-Народна, пак, велат дека кај нивните членови е скршен мразот во размислувањата во однос на можната соработка со СДСМ.
„Раководството генерално е за коалиција со опозициските партии затоа што денешната ситуација не ветува ништо подобро, туку оди во надолна линија. Сега се наоаѓаме во Саутемптон и некој очекува да се качиме на „Титаник“. Нема зошто да се качуваме на бродот за кој знаеме дека ќе потоне“, вели Слободан Близнаковски, кој не верува во подобро утре со оваа владејачка гарнитура.
Според него, се трошат буџетски пари кои се обезбедуваат од кредити кои треба да ги плаќаат идните генерации.
„Ни се случува и дрско крадење туѓа историја и поделба на македонското ткиво на античко и словенско. Некој мора да стави крај на сето ова. Можеби ќе се најде некој член кој е против коалиција, но тоа нема да не' спречи во намерата да не' зближат заедничките нешта со СДСМ и да ја оствариме крајната цел - да ја промениме лошата ситуација во земјата“, додава Близнаковски.
Како и да е, доколку се официјализира коалицијата меѓу двајцата архетипски противници, несомнено е дека тоа ќе биде вешто искористено од владејачката партија. Како дел од веќе воспоставената кампања на жигосување на противниците тоа ќе биде шут од 11 метри за ВМРО-ДПМНЕ. Во таа насока за очекување се нови бомбастични спотови со некогашните сочни навреди меѓу двајцата бивши премиери, извадени од депоата на „заборавот“, кои ќе бидат динамично пуштани по телевизиите во името на непресушното лицемерие.
Близнаковски вели дека ВМРО-Народна е подготвена за такви ниски удари. „Тие се занимаваат со деградирање на личности. Јасно е дека нема да ја коментираат изјавата, туку човекот кој ја дал. Ќе најдат најразлични начини да го оцрнат. Тие нека се занимаваат со минатото, а ние ќе се занимаваме со иднината“, потенцира Близнаковски. |