11.03.2013, 16:18 Андреј Петров најави нови катни гаражи и обнова на фасади
Кандидатот за градоначалник на општина Карпош од коалицијата „Сојузот за иднината“,предводена од СДСМ, Андреј Петров во Порта Влае најави изградба на катна гаража со капацитет од 300 паркинг места. Тој посочи дека доколку ја добие довербата од граѓаните нема да дозволи зонско паркирање во Карпош.
Петров рече дека во Порта Влае целосно ќе го реконструира плочникот со поставување хидроизолација и партерно уредување.
„Целиот овој комплекс ќе го претвориме во секундарно градско јадро. Да им овозможиме со тоа на жителите од овој дел на градот да имаат една заокружена целина која може да ја користат за релаксација и враќање на комшиско-маалскиот живот во општината“, изјави Петров. Влезот во општината, според него, заслужува да има свој посебен печат за Карпош и најави обнова на фасадата на зградата-Порта Влае.
ВМРО-ДПМНЕ го повика Петров да каже колку би чинеле сите тие ветувања, бидејќи граѓаните имаат право да го знаат тоа.
„Петров нема никаква програма која би им ја понудил на граѓаните. Знаејќи дека ќе ги изгуби изборите Петров ветува се и сешто на граѓаните. Петров заедно со СДСМ беше против обновување на фасадите посебно на оние кои ВМРО-ДПМНЕ ги правеше, тој им ветува на граѓаните на општина Карпош реконструкција на фасадата на зградата на Порта Влае без притоа да каже колку би чинела“, се наведува во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ. |