12.03.2013, 09:39 Ватикан избира нов папа

Изборот на следниот поглавар на Римокатоличката црква на конклавата ќе го направат 115 кардинали од целиот свет
Да беше хотел, куќата на света Марија во близина на катедралата на свети Петар немаше да добие повеќе од три ѕвездички. Ватиканската гостинска куќа има 105 апартмани и 26 единечни соби кои се удобно уредени, иако телефоните, телевизорите, радијата и компјутерите во меѓувреме се отстранети. Гостите, 115 кардинали од целиот свет, не смеат да контактираат со надворешниот свет, почнувајќи од денеска. Оваа забрана вклучува и комуникација со најблиските соработници и со членови на семејството.
На кардиналите им е дозволено да комуницираат само меѓусебно. Единствена опција за релаксирање им е читањето книги. Кардиналите мораат строго да се придржуваат до тајноста додека не го изберат следниот папа. Доколку ги прекршат правилата, им се заканува екскомуникација од Католичката црква. Забраната вклучува и користење на „Твитер“.
На патот од гостинската куќа до Сикстинската капела, каде што се одржува собирот, кардиналите се придружувани и не смеат да имаат никаков контакт со безбедносните служби или со службениците во Ватикан. Затоа и не е изненадување што кардиналите не смеат да носат мобилен телефон, таблет-компјутери или други електронски направи. Сепак, црковните великодостоинственици не се предмет на физичка контрола.
Тајната постапка за избор започнува со процесија во Сикстинската капела.
„Таму нема дискусија, туку има само молитва. Тоа можеби звучи чудно, но при овој избор се работи за тоа кого Бог ќе одбере“, ја објаснува атмосферата австрискиот кардинал Кристоф Шенборн.
„Во краен случај, некој може да си дошепнува со некого во близина. Нема целосна тишина, но нема ниту разговор“, додава кардиналот Карл Леман, бискуп на Мајнц.
На првиот ден има само една рунда гласање. Вториот ден се одржуваат четири рунди. Кардиналите седат на долги клупи поставени покрај маси и на ливче хартија го пишуваат името на оној што го избрале. Од нив се бара да го прикријат својот ракопис со тоа што малку ќе го изменат, но, сепак, треба да пишуваат читливо. Контролорот на гласањето, кардиналот Тарчисио Бертоне, потоа го повикува секој кардинал поединечно да го стави своето ливче во голема урна. Правејќи го тоа, секој кардинал треба да изјави дека гласал за личноста за која верува дека Бог ја избрал.
По гласањето, кое трае околу еден час, гласовите ги читаат на глас тројца случајно избрани кардинали. Ливчињата потоа се прободуваат со игла и се ставаат во нишка пред да бидат запалени. Доколку ниту еден кандидат не го добие потребното двотретинско мнозинство (77 од 115 гласа), покрај ливчињата се става и малку катран. На тој начин од оџакот потоа излегува црн чад, кој укажува дека папа не е избран. Но, доколку има мнозинство, се ставаат специјални хемикалии што го прават чадот бел.
Откако некој кардинал ќе биде избран, тој мора да ја прифати највисоката функција во Црквата. Потоа му се облекува новата формална облека, а 45 минути подоцна, новиот папа и кардиналите се појавуваат на балконот на базиликата „Свети Петар“ и го претставуваат новиот папа.
Во 2005 година еден службеник во Ватикан преку „Твитер“ го објави името на новоизбраниот папа уште пред да бидат изговорени славните зборови „Habemus papam“ од балконот. (Дојче веле)
|