11.03.2013, 16:24 Поранешниот гигант „ЕМО“ влезе во изборната кампања

Александар Петрески вети исплата на сите долгови на фабриката, а ВМРО-ДПМНЕ го обвинија за лицемерство
Охрид – Кандидатот за градоначалник на Охрид на коалицијата „Сојуз за иднината“ предводена од СДСМ, Александар Петрески вети дека ќе застане зад побарувањата на вработените и стечајците од охридски „ЕМО“, односно исплата на сите долгови на „ЕМО“, од страна на државата како негов доминантен сопственик.
На денешната прес-конференција одржана пред поранешниот гигант на охридското и македонското стопанство, Петрески ја обвини централната власт за неисполнување на обврските ветени со најавениот план на Владата за ревитали��ација на компанијата.
„Владата изминатите седум години потроши 17 милијарди евра буџетски средства, а не успеа да издвои седум милиони евра за „ЕМО“ за да ги расчисти обврските кон вработените и побарувачите“, рече Петрески.
На ова реагираше ВМРО – ДПМНЕ, според кои изјавата на Александар Петрески во врска со вработените во „ЕМО“ е лицемерна, затоа што токму во време на матната транзиција фабриката е и уништена.
Во реакцијата се потсетува дека токму Петрески беше долго време раководител во „ЕМО“ и е најодговорен, се подвлекува, за состојбите на фабриката и судбините на нејзините вработени.
„Дополнително и неговиот брат Здравко Петревски, кој сега си го вработи во локалната смоуправа, беше член на бордот на директори на ЕМО до 2006 година. За тогашната работа на бордот постои кривична пријава и судски процес кој е во тек за злоупотреба на положба и овластување. За грижата на СДСМ за ЕМО и интересите на вработените доволно говори фактот што поранешниот директор Љубе Ставрески, кој раководеше со фабриката во време на СДСМ е правосилно осуден на 25 месеци затвор за злоупотреби и криминал“, реагира ВМРО - ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат и на тоа дека и коалициониот партнер на СДСМ, Љупчо Георгиевски, се обиде да направи, како што велат, криминална приватизација во ЕМО преку Драган Даравелски за што истиот е осуден и треба да одлежува казна затвор, како што одлежува Миодраг Марковиќ нивниот бизнис партнер.
„ЕМО“ благодарение на поддршката од Владата денес покажува знаци на економско заздравување ни има добиено работа на неколку далноводи во земјава и странство. Тоа што СДСМ со години го рушеше ВМРО-ДПМНЕ вложува максимален напор повторно да го издигне на здрави основи“, се подлвекува во реакцијата“, се вели во реакцијата.
|