11.03.2013, 15:39 Пустец ќе си го врати македонското име

По четири децении почна процедурата за замена на албанското официјално име на општината
Оригиналното и македонско име на општината Пустец може да се врати во официјална употреба неделава, откако Законодавно-правната комисија на албанскиот Парламент го изгласа предлог законот со кој се бара наметнатото име Ликенас да замине во историјата. Иако кај нас и во Пустец никој не го употребува албанизираното име на општината, во сите официјални документи таа се нарекува така, откако пред четири децении, т.е. во 1973 година, е донесена одлука да се преименува, наспроти волјата на Македонците во неа. Дали одлуката ќе биде конечна сепак ќе се знае откако предлогот ќе се најде пред Парламентот на првата наредна седница која се очекува да се случи во четврток, а тој треба да се одобри со двотретинско мнозинство.
Едмонд Темелко, градоначалник на Пустец и лидер на Македонската алијанса за европска интеграција, вчера беше оптимист дека Пустец ќе си го врати името, бидејќи веќе имал контакти со преставници на сите политички партии во Албанија и добил уверувања дека ќе ја поддржат промената. Сепак за да биде усвоена одлуката за Пустец треба да гласа и опозицијата, а таа при гласањето во законодавната комисија не го поддржала предлогот, па се прват напори да се добие и нејзината поддршка. Зад промената на името, според Телеко, стои барање потпишано од сите жители на Пустец, кои со децении притискаат за ова прашање во Тирана и кај преставниците на меѓународната заедница. Ако биде усвоена одлуката ќе отвори пат да се сменат и имињата на осумте села кои гравитираат кон оваа општина, за што процедурата е поедноставна. Според Темелко време е да се исправи оваа неправда кон жителите на Пустец, иако се очекува таа да предизвика реакција во националистичките кругови во Албанија. (С.Ј.)
|