12.03.2013, 17:30 Македонија доби преговарач во Софија

Четвртата рунда преговори начелно е закажана и се чека само датум од Софија
Слободанка Јовановска
Позитивниот извештај на Македонија ја чека новата службена влада на Бугарија, бидејќи тогаш кога ќе се знае идната избрана влада во мај, оценката за добрососедските односи веќе треба да биде напишана. Затоа објавувањето на новиот кабинет во Софија доби политичка тежина и за нас, а особено фактот дека соседната држава барем три месеци ќе ја води дипломат место политичар. Од амбасадорска фотелја од Париз, имено, доаѓа новиот премиер Марин Рајков, кој освен премиерската фотелја ќе ја држи и таа на шефот на дипломатијата, заменувајќи го практично Николај Младенов. Тој ќе им даде целосен тон на преговорите за спорните ��рашања со Македонија, па оцената дека доаѓа од „срцето на Европа“, е можна најава дека сериозно ќе ги сфати барањата на Брисел кога е во прашање Македонија. Од нашето МНР вчера изјавија дека начелно е закажана четвртата рунда преговори на двата тима, а од бугарското дека преговорите не се прекинати, но датумот за нив треба да го каже Софија. Новата бугарска влада ќе почне со работа веќе денес, а до кога ќе трае ќе зависи, сепак, од исходот на изборите закажани за 12 мај.
Ексминистерот Младенов деновиве тврдеше дека бил на дофат да постигне договор со Македонија, иако неофицијално од наша страна биле отворени и некои затворени прашања чиј исход не може лесно да се прогнозира, како реципроцитетот за малцинствата и именувањето на јазикот, што сега е „македонски јазик, според Уставот на Република Македонија“. Марин Рајков е почитуван професионален дипломат со богата кариера во надворешната политика, кој двапати бил и заменик-министер во бугарското МНР, и тоа во време на различни политички опции - на Бојко Борисов и на Иван Костов пред тоа. Неговиот избор е резултат на потребата на оваа функција во овој транзициски период да се најде личност доволно оддалечена од политичките партии, или како што оценија бугарските медиуми - на иста близина со нив.
Како алтернативен шеф на дипломатијата Рајков ќе биде директно вклучен во преговорите, а во тоа ќе му помогне искуството како амбасадор во Србија, одговорен за Балкан во Министерството, претставник на Бугарија во Стразбур (каде што се отвораа практично прашањата со македонското малцинство, јазикот и слично) и европската перспектива стекната на двапати - како амбасадор во Франција.
Службениот премиер треба да е дипломат, да е разумен и компетентен и да биде добро примен во Брисел", беа заборовите со кои претседателот Росен Плевнелиев го опиша Рајков како премиер. Иако привремена, оваа влада на Бугарија може да потрае, поради очекувањата дека на следните избори ниту една партија нема да освои доволно гласови за да со леснотија формира мнозинство, така што се очекуваат големи пазарења меѓу водечките партии и неизвесност. Според некои проценки, можно е по изборите политичката криза уште повеќе да се продлабочи, а одлуката за Македонија треба да биде на дневен ред на почетокот на јуни. |