12.03.2013, 14:27 Почна саемот за роботика и автоматика „РобоМАК 2013“

Педесет и седум домашни и околу 40 странски учесници се дел од четвртиот саем за роботика „РобоМАК 2013“, кој до 16 март ќе се одржи во Скопје во организација на Европската студентска организација за електроинженери во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Целта на саемот е популаризација на роботиката меѓу македонските и европските студенти и средношколци, кои по петдневна обука ќе ги одмерат силите на своите роботи во пет категории.
На отворањето на Меѓународната работилница за роботика и автоматика „РобоМАК 2013“ се обрати министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, според кого бројот на роботите во светот секоја година се зголемува за 33 отсто, а заклучно со минатата се регистрирани 1,1 милион роботи во индустријата низ светот.
„Со растот на светската информатичка технологија и се' поголемиот интерес од интернет-комуникацијата, расте и побарувачката на пазарот за оваа област. Во последните неколку години потребата од инженери по информатика и електротехника е се' поголем, а тоа навестува новата ера на електронското општење и комуникација“, изјави Ивановски, нагласувајќи дека ова не е тренд само во високоразвиените и напредни земји, туку е и кај земјите во развој. А и Македонија го следи трендот на развој на информатичката технологија. (Ек.Р.) |