12.03.2013, 15:18 ДПА со Зијадин Села ќе ја освојува Струга

Струга - Демократската партија на Албанците вчера на митинг во Делогожда ја бараше поддршката за својот кандидат Зијадин Села. Лидерот на партијата, Мендух Тачи, порача дека со победата на Села не се става крај, туку се очекуваат вонредни парламентарни избори кога, според него, ДПА ќе се врати на власт.
Кандидатот за градоначалник на Струга од ДПА, Зијадин Села, рече дека коалицирањето на ДУИ со Фијат Цаноски е предавство за Албанците затоа што, според него, пред четири години Албанците биле повикани да не гласаат за Цаноски.
„Реакцијата на ДУИ за заедничката листа на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Струга е чиста манипулација, затоа што ДУИ двапати гласаше за продолжување на рокот за кандидатските листи. Целта на партијата на Цаноски, ПЕИ, е во заедничката листа со ДУИ да оствари што повеќе советници и да вработи повеќе луѓе. Доколку ВМРО - СДСМ освојат 11 советници, тогаш ќе им се приклучат нив и ќе создадат мнозинство во Советот на Општина Струга“, посочи Села.
Тој обвини дека Струга е во тотален хаос, дека се узурпирани плажите, а како што додаде, улиците, парковите и училишните дворишта се претворени во паркинзи. |