12.03.2013, 10:09 Без три гласа Фокландите останаа во Британија
Преку 99 отсто од жителите на Фокландите се изјаснија за задржување на сегашниот статус на островите као британска прекуморска територија
Преку 99 отсто од жителите на Фокландските Острови гласаа се изјаснија за задржување на сегашниот статус на Архипелагот како британска прекуморска територија.
Од 1.517 гласачи кои учествувале на референдумот, што се одржа вчера и завчера, дури 1.513 гласале „за“ задржување на сегашниот статус на Островите, тројца гласале „против“, а едно гласачко ливче е неважечко. Право на глас имаа 1.672 од околу три илјади жители на Фокландите. Одѕивот на референдумот изнесува преку 90 отсто.
Изјаснувањето на локалните жители за идниот статус на нивните острови се одржа во атмосфера на силно затегнати британско-аргентински односи и во време на повторни претензии на Аргентина кон Фокландските Острови, 31 година по војната што за овој Архипелаг во Јужниот Атлатик ја водеа двете земји.
По соопштувањето на резултатите, членот на локалното Собрание и еден од иницијаторите за одржување на референдумот, Дик Соул, изјави дека добиените 99 отсто гласови „за“ и само три „против“ е феноменален резултат.
- Испративме најсилна можна порака до останатиот свет за нашето право за самоопределување, право за кое се изборивме (во војната) во 1982 година, рече Соул.
Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг ги поздрави резултатите од референдумот. Тој изјави дека официјален Лондон има јасна позиција околу тоа дека луѓето на Фокландите треба самите да си ја определат сопствената иднина и да го изберат патот по кои ќе се движат понатаму, потенцирајќи дека во 21-от век овие права на луѓето мора да се почитуваат.
- Сите земји би требало да ги прифатат резултатите од овој референдум и да ги подржат жителите на Фокландите да продолжат да го развиваат својот дом и неговата економија, рече Хејг, не споменувајќи ја притоа Аргентина која воведе економска блокада кон Островите.
Буенос Аирес уште пред одржувањето на референдумот соопшти дека нема да ги прифати неговите резултати. Претседателот на Аргентина Кристина Кирхнер изјави дека за нејзината земја „желбите на жителите на Островите не се релевантни, затоа што станува збор за територијално прашање“. |