12.03.2013, 23:58 Груевски: Ристески знае да го извлече максимумот

Прилеп е градот каде е надмината програмата со многу проекти. Марјан Ристески, досега како градоначалник знае да го извлече максимумот и да најде многу средства, од локалниот буџет, од владата и од европските фондови и направи многу дела. А по делата се разликуваме од СДСМ, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг во Прилеп.
На митингот на плоштадот Методија Андонов Ченто беше претставен кандидатот за градоначалник на Колаицијата „За подобра Македонија“, Марјан Ристески кој веќе два мандата е градоначалник на Прилеп и советничката листа.
Груевски им порача на граѓаните да гледаат кој прави дела и кој работи во нивни интерес, а кој само ветува.
- Гледајте кој работи, кој создава дела, кој дава за земјоделците, тутунарите. Само за една година во Прилеп влегуваат 12 милиони евра од тутунот. До 2005 немаше ништо. Само годинава за земјоделците се 135, а наскоро ќе бидат 150 милиони евра. Тоа е нашиот однос кон ранливите групи. СДСМ не ги интересира ништо. Во оваа држава треба за сите да има средства, за земјоделците, пензионерите, на кои три пати им се зголемуваат пензиите. Дадениот збор пред народот е нашиот образ, нашата чест, рече Груевски.
Потсетувајќи што се е сторено во Прилеп, Груевски нагласи дека акцентот во иднина ќе биде ставен на индустриските зони. Порача дека СДСМ се несериозни зашто се обидуваат пред народот да претстават програма направена за шест дена.
- Не е исто да се прави Програма за шест дена и за шест месеци. Народот не може повеќе да се излаже. Не случајно ние шест месеци работевме на програмата со стручни лица. Се е одмерено, реално. Ја бараме довербата од граѓаните со програма која нуди дела, издржана и е одговор на потребите на сите граѓани, а граѓаните сами ќе ценат, потенцира Груевски.
Изрази чудење на ветувањето од СДСМ дека во Прилеп ќе се граделе 500 микроакумулации, кога, како што рече, во цела Македонија има 70.
- Тоа е инвестиција од 300 до 500 милиони евра која не може да ја издржат ниту неколку државни буџети, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Напоменувајќи ги повеќето проекти кои ги завршил за осум години во претходните два мандата, кандидатот за трет мандат за градначалник на Прилеп Марјан Ристески рече дека главно сега ќе се фокусира на економскиот развој и новите вработувања, пред се во трите индустриски зони и едната слободна технолошка зона Алинци.
- Главниот акцент овие четири години ќе биде економскиот развој. Со новиот генерален урбанистички план кој е од инвестициски карактер се предвидени нови индустриски зони, колективен и индивидуален станбен простор, трговски центри, градинки, училишта, спортски терени, деловен простор, рече Ристески.
Прилеп ќе биде најинтересниот простор за инвестирање со три индустриски зони и една технолошко-развојна за странски инвестиции.
- Веќе се продадени парцелите од зоната „Прилеп 1“ каде ќе се градат погони и ќе се обезбедат 2.500 работни места, нагласи Ристески.
Според него, Прилеп ќе добие и модерен трговски центар, 78 социјални станови, нова автобуска станица, современ транспортен центар, фабрика за селектирање на отпадот и една од најголемите инвестиции со европски пари – пречистителна станица за отпадите води вредна 20 милиони евра со нови 63 километри канализациона мрежа.
- Прилеп го реши водоснабдувањето и ќе биде најзелен град на овие простори, вети Ристески. Тој ја отфрли програмата на својот политички опонент зашто, како што нагласи, била флаер, а не сериозна.
Вечерва пред прилепчани беа претставени советничката листа и носителот на листата Никола Димески.
|