01.04.2012, 20:03 Карлос Слим го виде Скопје
Мексиканскиот милијардер вчера го посети Музејот на ВМРО, Спомен- куќата на Мајка Тереза, ручаше во „Стоун бриџ“, па замина за Охрид
Соња Маџовска
Мексиканскиот милијардер Карлос Слим го виде Скопје, а најмногу време одвои за министрите и премиерот Никола Груевски.
Домаќините вчера, како и што беше најавено, најбогатиот човек на светот го прошетаа во Музејот на ВМРО, како и во Спомен-куќата на Мајка Тереза. Во Владата на видеобим му беа претставени проектите за привлекување странски инвестиции, со министерот за информатичко општество Иво Ивановски ручаа во „Стоун бриџ“, по што заминаа за Охрид.
По презентацијата во Владата, министерот за финансии Зоран Ставрески вчера беше задолжен да даде изјава, при што оцени дека посетата на Слим ја става Македонија на светската мапа на земји добри за инвестиции.
Бидејќи мексиканскиот милијардер Слим не даде изјава, Ставрески го пренесе неговиот впечаток, според кој Македонија на добар начин ја има поставено бизнис-климата, дека има добар амбиент за инвестиции, а она што земјата го нуди како најатрактивен даночен пакет во Европа, посебно го воодушевило Слим. Најгол��м интерес финансискиот магнат искажал за неколку проекти од областа на рударството, енергетиката и приватизацијата на државни компании. Но, бидејќи станува збор за негова прва посета не беа соопштени повеќе детали. „Ефектите и влијанието од неговата посета на Македонија треба да се гледаат на директен и на индиректен начин. Директниот начин е тоа што тој е присутен тука, и можеби и неговиот личен и директен интерес за некои од проектите за кои зборувавме, но уште повеќе да ја искористиме мрежата на познанства со крупни инвеститори, која ја има Слим. Бидејќи ако тој лично за одреден проект не е заинтересиран, тогаш може да заинтересира други инвеститори. Така што на директен и на индиректен начин Македонија ќе има големи ефекти од оваа посета“, оцени Ставрески.
На средбата во Владата министрите на Слим му претставиле повеќе проекти во енергетиката, како „Вардарска Долина“, во областа на недвижностите, изградба на станбени комплекси во касарната „Илинден“, „Сончев град“, туристичките развојни зони во Охрид, Преспа и Дојран. Биле презентирани и проектите во делот на можностите за инвестирање во рударството, како и за приватизација на државни компании како „Тутунскиот комбинат“, и во делот на инфраструктурните проекти кои се однесуваат на изградбата на автопати на коридорите 8 и 10, железничката линија кон Бугарија и слично. „Нашата цел беше Слим да добие претстава за вкупните потенцијали на Македонија, за оние крупни проекти за кои настојуваме да привлечеме странски инвестиции. Неговото присуство во Македонија е проследено од буквално сите светски медиуми. Слим е човек кој каде и да се појави предизвикува внимание и тоа ќе помогне да добиеме добар профил и да бидеме позиционирани подобро на светската мапа на инвестициите“, рече Ставрески.
Телекомуникацискиот магнат Карлос Слим со седум свои пријатели престојува во Македонија. Тој пристигна во Скопје во саботата, со сопствениот авион, а на аеродромот беше пречекан од министерот за информатичко општество Иво Ивановски. Слим уште вечерта во саботата имаше средба со премиерот Никола Груевски во неговиот кабинет. Министерот Ивановски по средбата изјави дека Слим е добро запознат со состојбите во Македонија, посебно за стапката на невработеност, задолженоста, секторите кои имаат потенцијал за инвестирање и за тоа кои се најголеми извозници. На првата средба со премиерот го искажал задоволството што млад тим ја раководи државата, како и за постигнатите резултати за време на светската економска криза.
Слим досега не инвестирал во Европа, но тој и неговите компании се заинтересирани да го прошират својот бизнис.
Богатството на 72-годишниот Карлос Слим се проценува на 69 милијарди долари, а го стекнал во секторот на телекомуникациите. Сега работи во областа на трговијата, финансиите, суровините и енергетиката и во секторот на малопродажба.
Гравче и ајвар - дел од менито
Министерот за информатичко општество Иво Ивановски беше домаќин на вчерашниот ручек во „Стоун бриџ“, на кој покрај мексиканскиот милијардер Карлос Слим, присуствувале и другите учесници на Конференцијата за информатичка технологија.
Било подготвено обично мени, открија од кабинетот на министерот Ивановски. За предјадење биле послужени салати, рукола со домати и моцарела, а за главно јадење било сервирано пилешко, гравче, ајвар, модар патлиџан. По ручекот гостите заминаа за Охрид.
Македонија на светската медиумска мапа
Охрид - Изминатиов викенд сите патишта водеа кон Охрид, македонската туристичка метропола, природниот и
културно-историски бисер под патронат на УНЕСКО. За прв пат досега, во посета на Македонија и Охрид беа претседателот на Република Руанда, Паул Кагаме, најбогатиот човек на светот Карлос Слим, како и многу други високорангирани личности од светот на бизнисот. А во Охрид беше и комплетниот македонски државен врв, претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, како и поголем број министри од Владата.
Формален повод за ваквото елитно собирање е состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој формирана од Меѓународната телекомуникациска заедница и УНЕСКО. Собирот се одржува во елитниот хотел „Инекс Горица“ каде што и се сместени високите гости. Животот во Охрид викендов функционираше под посебен безбедносен режим, на што домаќините се навикнати и главно го одобруваат, свесни за високите ефекти во поглед на туристичката и културна промоција на градот. Заради безбедно движ��ње на делегациите и возилата под придружба, на одредени патни правци и сообраќајници, привремено е ограничено движењето на моторни и друг вид на возила со физичко регулирање на сообраќајот. Доаѓањето на претседателот на Република Руанда, Паул Кагаме, и на мултимилијардерот Карлос Слим во Македонија и нивното присуство на собирот во Охрид, направија овој град неколку дена да биде на светската мапа на медиумскиот интерес. Медиумите, пред се', од балканските земји, но и светот, го нагласуваат доаѓањето на телекомуникацискиот магнат Карлос Слим во Македонија и можните инвестиции во повеќе сектори во земјава. Странските медиуми пишуваа дека Македонија е земја каде што се' повеќе компании сакаат да инвестираат во најбрзо растечките сектори, а и коментираа дека Владата веќе почнала да трие раце од посетата на Слим. (В.М.) |