08.10.2008, 18:57 Обама пред Мекејн и по втората ТВ-дебата
Гласачите им поставуваа прашања на американските претседателски кандидати во дебата на која доминираа финансиската криза и надворешната политика. Две анкети спроведени веднаш по дебатата - на Си-Би-Ес њус и на Си-Ен-Ен - го оценија Барак Обама како победник над Џон Мекејн.
Сенаторот Обама изјави дека мора да се направи повеќе за да им се помогне на средните класи и дека даночните намалувања на неговиот ривал ќе им помогнат на богатите. Мекејн презентираше план за американското Министерство за финансии да откупи „ненаплатени“ хипотеки и рече дека Обама сакал да ги зголеми даноците.
Анкетата на Си-Ен-Ен, спроведена меѓу гледачите на дебатата, покажа дека 54 отсто сметаат оти Обама ја направил најдобрата работа , во споредба со 30 отсто за Мекејн. Анкетата на Си-Би-Ес њус, спроведена меѓу неопределените гласачи, укажа дека 39 отсто го сметаат Обама за победник, додека 27 отсто се за Мекејн, а 35 отсто ја опишаа дебатата како нерешена.
Иако двајцата кандидати се обидуваа да изгледаат смирено на сцената во Нешвил, Тенеси, поздравувајќи се меѓусебе со насмевка и ракувајќи се, имаше и некои знаци на напнатост.
Сепак, и покрај деновите на омраза и се' повеќе лични напади што доведоа до дебатата, втора од вкупно три, немаше вистински огномети. Дебатата, што се одржа помалку од еден месец пред изборите на 4 ноември, предизвика голем интерес кај публиката. Модераторот, презентер на вести на Ен-Би-Си, бираше прашања од оние испратени по електронска пошта од над 6 милиони луѓе од јавноста и поставени од публиката во студиото од околу 80 неопределени гласачи. (Би-Би-Си) |