28.07.2010, 18:11 Парното поскапо за 10 отсто, во „Скопје Север“ дури за 40 отсто
Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе конечна одлука денес или утре
Снежана Калабакова
Парното ќе поскапи од 10 до 13 проценти за трите снабдувања на АД „Топлификација“ и 40 отсто за „Топлификација Скопје Север“. Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе конечна одлука денес или утре, а зголемувањето на цената на парното ќе биде вкалкулирано уште во августовските сметки за парно, што значи топлинската енергија поскапува од 1 август. Ова се првичните изјави од Регулаторната комисија за енергетика откако нејзините членови ги обработиле и ги разгледале доставените податоци и информации за направените трошоци на АД „Топлификација“ и „Топлификација Скопје Север“. Претпријатијата начелно биле незадоволни од ставот на регулаторите и за денеска побарале да ја докомплетираат поднесената документација со што сакале да докажат дека нивните трошоци се многу поголеми и дозволеното зголемување на цената нема целосно да ги покрие.
„Денес имавме две подготвителни седници на кои донесовме само предлог-одлуки, а за еден или два дена ќе донесеме и одлуки за новата цена на топлинската енергија за трите снабдувања на АД ’Топлификација‘ и за ’Топлификација Скопје Север‘. ’Топлификација производство‘ бараше зголемување на цената за 50,7 отсто, дистрибуција бара за 5,86 отсто. ’Снабдување Центар‘ во однос на претходната цена бара зголемување за 61 отсто, ’Снабдување Запад‘ 70 проценти и ’Снабдување Исток‘ 68 проценти, а ние за сите три ќе донесеме единствена цена“, рече вчера Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Според него, компаниите имаат реални трошоци на кои влијаело и кварталното зголемување на цената на горивата, кои со 70 отсто влегуваат во цената на топлинската енергија. Изминатата година во првите квартали цената на гасот пораснала за 36 отсто, а 12,5 отсто се зголеми цената на мазутот. Тоа се и главните аргументи за зголемување на цената на топлинската енергија на вчерашната подготвителна седница на која најжестоко се дискутирало за „Топлификација Скопје Север“. Ова претпријатие побарало зголемување на цената за 40,25 отсто. Цената за потрошувачите на овој конзум реално ќе порасне најмногу, бидејќи повторно е доведено во прашање нормалното функционирање на претпријатието поради намалениот број потрошувачи и голем број на оние што се откажале од парното греење. „Скопје Север“ ќе се спасува со помош на општините Чаир и Бутел, а на состанокот закажан за 5 август со градоначалниците на двете општини ќе се разгледуваат и можностите за проширување на бројот на потрошувачи. |