28.07.2010, 18:14 КФОР и' предаде клучеви од три објекти на АРМ
Командантот на КФОР, генерал-полковник Маркус Бентлер, вчера на воениот аеродром во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, на министерот за одбрана, Зоран Коњановски, му ги предаде клучевите од три објекти што досега ги користеше КФОР, меѓу другото, за операции за авионско набљудување.
Командантот на КФОР, Бентлер, во присуство на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и високиот воен претставник на НАТО, бригадниот генерал Давид Хумар, оценувајќи дека Косово сега е стабилен регион, истакна оти операцијата за авионско набљудување од југот кон северот во изминатите години им обезбедила значаен капацитет за увид и можност за реагирање во итни ситуации.
Министерот Коњановски нагласи дека Македонија има принципиелен став за поддршка на НАТО-партнерите, укажувајќи и на учеството на мировниците од АРМ во мисиите ИСАФ во Авганистан, Алтеа во Босна и Херцеговина и мисијата во Либан. Со силите на КФОР беа разменувани одредени податоци, рече тој, кои беа од исклучително значење за градењето на безбедноста во регионот.
„Ова се клучеви на соработка, со кои ги отворавме нашите визии кон Алијансата. Во овој момент не може да се прецизира за што ќе се користат овие објекти, но, секако, ќе се развиваат проекти во МО за кои ќе можат да се искористат“, изјави Коњановски. Тој потенцира дека Македонија од 2005 година учествува во штабот на НАТО преку Координативниот центар за логистичка поддршка, како земја која не е членка на Алијансата.
Mинистерката Јанкулоска потенцираше дека за Македонија членството во НАТО е врвен стратегиски приоритет во надворешната политика, посочувајќи оти е почнат 12. циклус на Акциониот план за членство, а во тек е подготовка на годишната национална програма за членство во Алијансата за 2010-2011 година. Во рамки на соработката на МВР со КФОР, Јанкулоска ја спомна и соработката на полето на граничната безбедност, која се реализира преку одржување редовни средби на регионално и на локално ниво, како и координирани патроли.
„Во сите успешни акции против екстремистичките групи кои претставуваа закана по регионот, македонската полиција ја имаше поддршката на НАТО“, рече министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. (МИА) |