28.07.2010, 18:12 Бендевска рекордер во зборување
Во првата половина од годинава 29 пратеници никогаш не проговориле на седниците во Собранието, се наведува во најновиот извештај за работењето на пратениците „Мојот пратеник“ за периодот од јануари до јуни.
Најмногу отсуства имаат пратениците од албанскиот политички блок. Освен парламентарците на ДПА, кои од 18 август 2009 година ја бојкотираат работата на Собранието, на врвот на листата со оправдани отсуства се наоѓаат и претседателот на ПЕИ, Фијат Цаноски, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Од вкупниот парламентарен состав, само 27 пратеници не пропуштиле ниедна седница.Според извештајот, пратеничката од СДСМ, Весна Бендевска, е рекордер по зборување, за збор се јавила 59 пати, а 104 пати реплицирала. Најмногу пратенички прашања до Владата има поставено пратеничката Флора Кадриу од Нова демократија, а првак за процедурални забелешки е Цветанка Иванова од СДСМ, со 40 процедурални интервенции.
Најголем број предлог-закони до Собранието доставила пратеничката Станка Анастасова од ВМРО-ДПМНЕ - вкупно 15, а најактивен во поднесувањето амандмани бил пратеникот од СДСМ, Томе Чинговски – 362.
Во шестмесечниот период парламентарците изгласале вкупно 77 закони, од кој 41 се од економска област, 14 од политички систем и 22 од јавни дејности.
Публикацијата „Мојот пратеник“ има цел да ги презентира податоците за работата на пратениците во законодавниот дом. Покрај информативната улога, има цел да ги стимулира пратениците активно да се вклучат во работата на Собранието. (П.Р.) |