18.09.2012, 18:19 Едиторијал
Зависници од успех
Слободанка Јовановска
Премиерот Никола Груевски и еврокомесарот Штефан Филе вчера се потпишаа на заедничка колумна. Што содржеше таа не е толку битно, колку пораката што сакаше Брисел да ја испрати со неа. Таа е дека премиерот и еврокомесарот се партнери во проектот наречен дијалог на високо ниво. Дека Филе и Груевски не стојат еден спроти друг и си даваат отчет, туку и двајцата се одговорни за евентуалниот неуспех. Дека, како што нагласи Филе, Македонија има потреба од успех, а успех му треба и нему, бидејќи прифати да ја дели одговорноста со македонскиот премиер. Дека Филе е подготвен да проголта многу нешто за да ја постигне целта, која, пак, го надминува проблемот. Поточно, дека тој на нашиот премиер му понуди партнерство во проблемот, а како влог го стави личниот авторитет, бидејќи нема друг избор.
Во ваква констелација може да се сфати посетата на еврокомесарот, која кај нас се сака да се упрости само со дилемата – не' фалеше ли навистина или не, задоволен ли е од видениот прогрес или само се задоволува со формата? Технички Владата ги испорача барањата, суштински Филе ќе мора уште многу да се препотува за да го добие тоа што му треба за беспрекорно досие на Македонија. По седум години чекање преговори, Филе знае дека нашите постигнувања се добри за препорака, но за да им е непријатно на земјите-членки повторно да ги одложат преговорите, мора да има искрен пресврт во нашата држава. „Подготовки за значајни реформи“, како што стоеше во заедничката колумна, не се тоа, како ни ставањето на законите во процедура неколку часа пред слетување на еврокомесарот. Она што сакаше овој пат да го постигне Филе е да апелира на нашата свест место да не' свестува со критиките. Да не' увери во неговата добра намера, а со тоа и во исправноста на советите дека не е важно што мисли тој, туку каква држава правиме. Иако, генерално, тој најави позитивен извештај на ЕК , прецизно ги нацрта главните проблеми на Македонија.
Првиот е користењето на етничките прашања за билдање на партиските рејтинзи до степен на предизвикување етнички поделби што водат до дестабилизација. Тоа, со неспоменувањето ни „и“ од избори, беше јасна порака што мисли за политичката криза во земјата и за партиските трикови за одржување на власт,не еднаш, туку на секои две години. Втората е дека колку и да има оправдувања за блокадите на соседите, проблемите што ги имаме со Грција и со Бугарија во голема мерка сами си ги продуциравме или барем мегаломанизиравме. На Филе, кој неколку години се обидува да и' даде преговори на Македонија, сигурно не му беше лесно да најави нов услов за нашата евроинтеграција, бидејќи земја-членка го побарала тоа. Ние сега можеме да расправаме дали најавувањето на бугарското прашање е адут на Брисел пак да не ни даде преговори, или можеби начин на еврокомесарот да ни врати за непријатностите што му ги приредивме броејќи му ја употребата на зборот „македонски“. Но, од неговиот настап беше очигледно дека на ова прашање сакаше да му даде посебна гласност за да го чуе Софија со сигурност или за да стекне таков впечаток, додека превенира уште една кочница за нашата евроинтеграција.
Задачата на Филе, судејќи по пофалбите, пред се', е да го смени статусот на Македонија од жртва во креатор на својата иднина, но тоа не ќе може самиот ако нема помош од овде. Позитивните оцени, што на наше неверување ги кажа во Скопје, не се наменети само кон земјите-членки, туку и кон премиерот, за кого добро знае дека е зависник од маркетинг и суета. Ако и Груевски е дел од тој проект за извлекување на Македонија, Филе очигледно е подготвен да му го даде и тоа. |