19.09.2012, 18:37 Андријана Будимир се сврши и останува во Македонија
Ексракометарката и поранешна девојка на Тоше Проески ќе се мажи за познатиот скопски менаџер Јохан
Поранешната девојка на Тоше Проески, Андријана Будимир, ја пронајде љубовта на својот живот во Македонија. Ексракометарката се сврши со познатиот скопски менаџер Јохан, кој пред неколку дена ја изненади со свршенички прстен на вечера во еден од скопските ресторани.
И за двајцата се' уште се' е ново, па нема конкретни детали и планови околу свадбата и местото каде што таа ќе се случува, велат блиски пријатели на двојката. Будимир вчера не беше достапна на својот мобилен телефон, а пораките и честитките за убавата вест ги примаше автоматската секретарка.
Андријана и Јохан се подолго време во врска и често може да се сретнат заедно низ градот, а особено во Дебар Маало, каде што се наоѓа станот на Јохан. Избраникот на Будимир зад себе веќе има еден брак и две деца, додека за Будимир ова ќе биде прво стапнување во брачна заедница. Фоторепортерите ги уловија заедно и на свадбата на ракометарот Наумче Мојсовски во Струга.
Андријана Будимир и' стана позната на македонската јавност во времето на златните денови на ракометниот клуб „Ѓорче Петров“. Дојде во Скопје од Нови Сад, а на нејзиниот шарм падна и нашата најголема ѕвезда, Тоше Проески. За нивната љубовна врска се пишуваше на долго и на широко, а особено контроверзии во јавноста се појавија по загинувањето на Тоше во сообраќајна незгода и докажувањето на суд за СМС-пораките кои тие ги разменувале во кобната ноќ. Будимир се соочи со менаџерката на Тоше, Лилјана Петровиќ, која тврдеше дека Тоше не и' праќал СМС- пораки на ракометарката, која, пак, го докажа спротивното. Судот пресуди во полза на поранешната ракометарка, прогласувајќи ја Петровиќ виновна за клевета на Будимир и наложувајќи и' да и' исплати 5,5 илјади евра.
Покрај судскиот спор и во време кога јавноста тагуваше по својот миленик, Будимир реши да остане во земјава и тука да го продолжи животот, велејќи дека овде се местата кои ја потсетуваат на Тоше. Се најде на критика на јавноста зашто веднаш по смртта на Тоше во интервју за хрватски неделник откри детали од нивната врска. Во меѓувреме, од ракометот се префрли во бизнис-водите, отворајќи ексклузивен салон за убавина „Мај сенс“, лоциран во центарот на Скопје.
„Сум била во многу салони низ целиот свет, но овој е нешто поинакво, нестереотипно, сакавме да направиме место во кое луѓето ќе се чувствуваат како дома“, ни изјави своевремено Будимир, која се пофали дека салонот е опремен со најсовремени апарати увезени од странство.
Студиото кое беше отворено четири месеци по смртта на Тоше немаше долг век на траење.
|