19.09.2012, 16:01 Ховит и Бејта се разидоа околу преименувањето на училиштата
Известувачот на Европскиот парламент за Македонија се сретна со министерот за Локална самоуправа
Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Ричард Ховит предупреди денеска дека менувањето на имиња на училиштата е чувствително прашање и заради тоа сите овде треба да имаат повеќе меѓусебно разбирање.
„Разбирам дека се работи за чувствително прашање. Најконструктивното нешто што можам да го кажам е дека секоја страна треба да биде свесна за чувствата на другиот. Мислам дека нема потреба јас да кажувам нешто повеќе за тоа“, из��ави Ховит.Тој призна дека за оваа тема не разговарал се уште, откако денеска имаше прва средба со министерот за Локална самоуправа, Невзат Бејта.
Бејта, наспроти Ховит, изрази разбирање за потегот на градоначалникот на Чаир, кој според негова оценка постапил во согласност со децентрализацијата, мислејќи веројатно на ингеренците што со неа ги има локалната самоуправа. Најавата од бугарските медиуми дека Ховит ќе се сретне и со членови на Бугарскиот културен клуб за да му се пожалат за наводни притисоци, известувачот за релативизираше со зборовите дека е отворен за средба со сите што сакаат со него да отворат некое прашања, со генерална оценка дека стои зад ставот на еврокомесарот Штефан Филе дека е потребно да продолжи подобрувањето на односите со соседите.
Ховит ќе се сретне со политичките лидери, со други министри и дипломатски преставници во земјата, веќе најави дека ќе ја посети повторно Македонија со членовите на Заедничкиот парламентарен комитет на крајот на октомври. (Н.Р.)
|