19.09.2012, 09:20 Обама „изненаден“ од гафот на Ромни
Американскиот претседател Барак Обама реагираше по објавувањето на тајно направената снимка на републиканскиот противкандидат Мит Ромни.
На снимката, Ромни вели дека гласачите на Обама се сметаат себеси за жртви и очекуваат од него да им даде социјална помош.
- Една работа што ја научив како претседател е дека треба да ја претставувам целата земја. Кога се среќавам со републиканци при моите посети низ земјата гледам дека тие се вредни, семејни луѓе, и мислам дека како претседател треба да бидам претседател на сите граѓани. Американците работат многу напорно, имаме самохрани мајки кои работат по 2-3 работи за да ги изгледаат децата. Затоа, ви ветувам дека нема многу луѓе во САД кои мислат дека жртви и дека треба да добијат нешто од државата, вели Обама, како одговор на изјавата на Ромни.
Американското списание “Мадр Џонс” вчера ја објави целосната снимка, во која Ромни вели дека сите Американци кои не плаќаат даноци и живеат од државна помош за него се загубени гласови и ќе гласаат за претседателот Барак Обама.
Целосната снимка трае 49 минути и е направена на вечера на која Ромни зборувал пред неколку десетици донатори на неговата кампања во домот на бизнисменот Марк Ледер. Снимката веројатно била направена со мобилен телефон, а снимателот се` уште не е познат, но контактот со него бил направен преку Џејмс Картер, внук на поранешниот претседател Џими Картер. Џејмс Картер вели дека го убедил снимателот да ја даде контроверзната снимка за објавување.
- Мојот татко, како што веројатно знаете, беше роден во Мексико. Да беше роден во семејство со мексикански родители, ќе имав подобра шанса да победев, вели Ромни, во еден од најконтроверзните коментари од новообјавените делови на снимката.
Донаторите, кои платиле по 50.000 долари за присуство на вечерата со можниот иден претседател на САД, имале можност да ги слушнат неговите ставови и за надворешната политика.
Ромни е тајно снимен како ги изнесува неговите ставови за израелско-палестинскиот конфликт, велејќи дека мирот е скоро незамислив бидејќи Палестинците немаат никаков интерес за мир. Некои од донаторите присутни на вечерата му делеле совети на кандидатот.
- Загрижена сум за вас. Жените не сакаат да гласаат за вас, муслиманите, мнозинството од нив, нема да ве гласаат. И студентите исто така, кажала една донаторка.
Неколкумина побарале од Ромни да биде поборбен во изнесувањето на ставовите. Во еден момент Ромни го имитира германскиот акцент на поранешниот државен секретар Хенри Кисинџер. Ромни вели дека се сретнал со Кисинџер и го прашал како светот гледа на САД, за потоа со вештачки германски акцент да каже дека Кисинџер одговорил со еден збор: „слабаци”.
Во друг дел од снимката, Ромни ги споредува водителите на вечерните шоу емисии Џеј Лено и Дејвид Летерман, велејќи дека Летерман му е лут поради тоа што повеќе го посетува шоуто на Лено.
Сепак, најмногу реакции предизвикаа неговите ставови дека Америка е поделена на граѓани кои работат и плаќаат данок, и на околу 47 проценти граѓани кои не плаќаат данок на доход и живеат од помош од државата. Во меѓувреме, потпретседателскиот кандидат Пол Рајан, на неговите јавни настапи, го обвини претседателот Обама дека промовира култура на зависност на граѓаните од државната помош и од државните програми. (МИА) |