19.09.2012, 15:22 Пензионерите и во сабота ќе се возат бесплатно во ЈСП
Од идниот месец пензионерите ќе можат и во сабота бесплатно да се возат во автобусите на ЈСП. Се очекува градскиот совет во понеделник да ја донесе оваа одлука предложена од градоначалникот Коце Трајановски. Така, освен во вторник и петок, тие ќе имаат и еден ден од викендот во кој ќе можат без пари да го користат градскиот превоз.
И, додека пензионерите уште одсега се радуваат на оваа вест, сите останати корисници на ЈСП се мислат како ли ќе ги „преживеат“ и саботите во автобусите на ЈСП, имајќи го во предвид досегашното искуство од возењето во вторник и во петок.
Инаку, од ЈСП објаснуваат дека ако предлогот биде усвоен во понеделник на седницата на Совет, одлуката ќе треба да се објави во службен гласник за потоа се официјализира и практично. Односно, се очекува сите процедури да завршат најмногу за две недели, па така, првата бесплатна сабота во автобус пензионерите ќе ја имаат во првиот викенд од идниот месец. Бесплатниот превоз, како и досега ќе важи за сите пензионери, односно за жени над 62 и мажи над 64 години. (Дс.Т.)
|