19.09.2012, 15:50 Сопственикот на „Зара“ забележа зголемен профит
Најголемиот светски продавач на облека, шпанската компанија „Индитекс“, соопшти дека во првата половина на 2012 година остварила раст на профитот благодарение на ширење на модниот синџир „Зара“ низ Азија и низ Јужна и Северна Америка.
Нето-профитот на компанијата за првите шест месеци е зголемен за 32 процента во однос на истиот период минатата година и достигна 944 милиони евра.
Во соопштението на групацијата се наведува дека има „строга контрола“ над своите оперативни трошоци наспроти растот на продажбата од 17 проценти, односно на 7,2 милијарди евра.
„Индитекс“ истакна дека во првата половина од годината отворил 166 продавници, меѓу кои „Зара“, „Пул енд беар“, „Страдивариус“, „Бершка“, „Ојшо“ и „Масимо Дути“.
Во Шпанија, која е погодена од рецесија, „Индитекс“ оствари 22 процента од својата продажба за разлика од ланските 26 проценти.
Првата продавница „Зара“ е отворена во 1975 година во Коруња, во северозападна Шпанија, каде што се наоѓа нејзиното седиште. Компанијата вработува повеќе од 109.000 луѓе низ целиот свет. (Ек.Р.)
|