19.09.2012, 09:45 Oтворена 67. сесија на Генералното собрание на ОН
Во Њујорк синоќа беше отворена 67. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
Со 10-минутно задоцнување, проследен со аплауз од делегатите, претседателот на сесијата, Србинот Вук Јеремиќ ја прогласи сесијата за отворена и најави едноминутно молчење.
Поранешниот српски министер за надворешни работи соопшти дека во центарот на вниманието на сесијата ќе бидат решавањето на конфликти и зајакнување на мирот и безбедноста.
- Мирот и безбедноста се неопходен предуслов за стабилноста, која е неопходна компонента на развојот. Токму овие принципи ќе бидат дел од работењето за време на оваа сесија, истакна Јеремиќ.
Претседателот на сесијата нагласи дека ОН се единствениот форум, каде земјите членки се обединуваат како рамноправни партнери. Со својата работа треба да покажеме дека ОН се незаменлив инструмент за глобална дипломатија, истакна тој.
Дневниот ред на 67. сесија вклучува над 150 теми, како помошта за одржлив развој на земјите, одржувањето на мирот и безбедноста, почитувањето на режимот на нуклеарно неширење, заштита на човековите права и развојот на меѓународното право. |