19.09.2012, 16:14 Воените ветерани ќе маршираат за мир
Воените ветерани на Македонија в петок во организација на Главниот, Градскиот и општинските одбори на Сојузот на борците во соработка со Националната комисија на УНЕСКО ќе одржат марш на мирот по улиците на Скопје до споменикот пред Владата. Мировниот марш е дел од обврската на Сојузот на борците на Македонија, како член на Светската федерација на ветераните, добиена од Генералното собрание на ООН – по повод Меѓународниот ден на мирот - 21 Септември.
Собирното место на годинашниов Марш на мирот ќе биде на 21 септември пред паркот „Жена-борец“ од 10,30 до 11 часот. Од 11 часот поворката ќе се движи по улицата „Димитрија Чуповски“, по булевар „Васил Главинов“ до мостот „Гоце Делчев“, а потоа по булевар „Илинден“. Мировната поворка во 12 часот ќе пристигне пред Споменикот на ослободителите на Скопје, пред Владата на Македонија.
„Тука ќе се одржи мировна свеченост, на која главен акцент ќе бидат двете пораки, светската од генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, и националната порака од Република Македонија од претседателот на Главниот одбор на СБМ, генерал Тодор Атанасовски. Пораките ќе бидат прочитани в петок во 11,55 часот“, посочи на денешната прес-конференција Борко Зафировски, претседател на Комисијата за информирање на ГО на Сојуз на борци - Скопје.
|