17.09.2012, 14:23 Избрана новата барокна фасада за „Нама“ и „Метропол“
Градот ја извести јавноста дека е избрано идејното решение, но, сепак уште не сака да го прикаже
Градските власти не откриваат како ќе изгледа новата фасада на објектот на некогашна „Нама“ и „Метропол“, иако викендов преку платена реклама се пофалија дека одбрале идејно решение по кое ќе го менуваат надворешниот изглед на двата објекта. Информираат единствено дека е избран трудот кој на јавниот оглас бил пријавен под шифрата „Скрин“ и неговиот автор ќе биде награден со 450.000 денари.
„По објавувањето на конкурсните резултати, Град Скопје продолжува со постапката за правно дооформување на проектот, по што ќе ја информира јавноста за сите конкурсни детали“, велат накусо градските власти на чиј повик за избор на нова фасада на некогашните „Нама“ и „Метропол“ беа доставени две предлог решенија.
Иако надлежните не откриваат никакви детаљи за избраниот нов лик за објектите, извесно е дека нивната надворешност ќе биде во стилот на фасадите од „Скопје 2014“. Градот инсистираше авторите да предложат фасада во неокласичен стил. Целта на обновата на фасадите е објектите да се вклопат во околниот амбиент на старо-новите градби и фасади што се наоѓаат или гравитираат околу плоштадот.
Колку ќе чини реновирањето на фасадите и кога ќе почне, а кога ќе заврши, ќе зависи од избраната понуда на тендерот за изведувач кој допрва ќе се распишува. (Дс.Т.)
|