19.09.2012, 16:17 Меркел: ЕУ е во криза, но вратата за Западен Балкан е отворена
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Берлин порача дека долгорочно го поддржува пристапувањето на сите држави од Западен Балкан во ЕУ, но укажа дека Унијата во моментов се наоѓа во криза.
По средбата со хрватскиот премиер Зоран Милановиќ таа изјави дека државите од Западен Балкан неодамна преживеаја војна и дека пристапувањето кон ЕУ може да им помогне во помирувањето.
- Словенија е веќе во ЕУ, а сега влегува и Хрватска, рече Меркел.
Како што известуваат хрватските медиуми, Меркел и Милановиќ, на кого ова му е прва службена посета на Германија, најмногу р��зговарале за односите на двете земји и за економнската соработка, ситуацијата во ЕУ и хрватското пристапување во Унијата.
Оценувајќи дека односите меѓу двете земји се одлични, Меркел додала дека Хрватска во многу реформи е на вистинскиот пат.
-Сакаме Хрватска на 1 јули 2013 година да стане новата 28. членка на ЕУ. Го очекуваме извештајот за мониторингот и сметаме дека Хрватска во многу подрачја е на добар пат, рече канцеларката.
Милановиќ нагласи дека за неговата земја е многу важно да привлече странски, пред се германски инвеститори.
- Во изминатите 20 години во Хрватска беше занемарено индустриското производство, а во неговото заздравување во многу би помогнало германското искуство и знаење, изјави Милановиќ. |