18.09.2012, 16:23 Рамковниот договор изгубен во преводот
Силни медиумски реакции предизвика заедничката колумна на Филе и Груевски, поради споменувањето „ревизија“, наместо „преглед“ на договорот во Охрид
„Станува збор за грешка во преводот. Од изутрина постојано ми ѕвони телефонот. Сите прашуваат за тоа“, ова беше првата реакција на портпаролот на Владата, Александар Ѓеоргиев, откако среде меѓуетничките политички недоразбирања дополнително се крена прашина околу Рамковниот договор, поради спорниот дел од заедничката колумна на премиерот Никола Груевски и еврокомесарот Штефан Филе, објавена во „Дневник“, во која тие, наводно, нај��вуваат ревизија на договорот од Охрид.
Во споменатиот дел од колумната прецизно стои: „Во однос на меѓуетничките односи, Владата почна ревизија на Охридскиот рамковен договор“.
Според Ѓоргиев, целата збрка ја направиле зборовите „ревју“ и „ревижн“, односно во превод преглед и ревизија.
„Колумната на премиерот Груевски и еврокомесарот Филе е напишана на англиски јазик, усогласена и потврдена на ниво на кабинети и така е пратена до медиумот каде што е објавена. Очигледно е дека има грешка во преводот. Во англиската верзија на колумната која е оригинална и единствена никаде не стои зборот ревизија на охридскиот договор (revizion на англиски) туку преглед (reviw на англиски) и се однесува на извештајот за реализација на Охридскиот договор, кој е усвоен од Владата и испратен до Европската комисија“, потенцира Ѓеоргиев.
Според него, ревизија и преглед се два сосема различни термини и од лексички и од политички аспект.
„Ние побаравме објаснување од медиумот за грешката која е направена и се надеваме дека пропустот е ненамерен. Кажано ни е дека ќе следува исправка“, рече Георгиев.
Денеска и портпаролот на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, Петар Стано, обајснил за МИА, дека грешката е кај оние кои ја преведувале колумната.
„Комесарот Филе и Груевски не напишаа дека се бара ревизија на Охридскиот рамковен договор. Оригиналниот текст на заедничката колумна со македонскиот премиер вклучува реченица: „Владата започна ПРЕГЛЕД ( „reviw” на англиски јазик) на Охридскиот рамковен договор. За несреќа, целата оваа прашина што се крена во Македонија во медиумите и општеството е базирана на несреќна грешка во преводот“ вели протпаролот Стано, посочувајќи дека колумната била напишана на англиски јазик.
Според Стано, никој не бара ревизија на договорот. „Охридскиот рамковен договор останува база за организирање на општеството и на животот во вашата уникатна држава и уникатна конвивенција од две заедници, организирани во одржливо и стабилно општество“, додал Стано. (Н.К.)
|