19.09.2012, 13:32 Карикатурите на Мухамед распродадени за час
Најновото издание на францускиот сатиричен неделник „Шарли Хебдо“ во кој повторно се објавени карикатурите на пророкот Мухамед се распродаде многу брзо во киосците ширум Франција.
Успехот на неделникот, кој излегува во среда, се должи и на полемиката која беше отворена во другите медиуми дали во сегашниов момент на криза по презентацијата на филмот „Невиноста на муслиманите“ е потребна нова провокација за муслиманскиот свет.
Според она штo може да се види во киосците, примероците од „Шарли Хебдо“, околу десетина за секој киоск, се распродадоа за речиси еден час.
Карикатурите кои ги објавува неделникот го прикажуваат пророкот Мухамед во многу „невообичаени“ позиции. На насловната страница е најавена содржината на неделникот на која се гледа пророкот седнат во количка која ја вози ортодоксен Eвреин под насловот „Не треба да се шегувате“, но попровокативните карикатури се наоѓаат на внатрешните страници под насловот „Пророкот прави свое кино“ во рубриката „Насловни страни кои ги избегнавте“.
Редакцијата на „Шарли Хебдо“ е ставен под силна полициска заштита, иако засега нема директни закани испратени на сметка на неделеникот.
Директорот на неделникот за телевизијата ИТВ изјави дека не е загрижен од последиците по објавувањето на карикатурите и дека весникот во својот добро познат стил нема да ја пропушти можноста да им се потсмева со актуелностите кои го потресуваат светот. |