17.09.2012, 14:13 Пратениците расправаат за електронската здравствена картичка
Новата Електронска здравствена картичка и прашањето дали таа треба да биде бесплатна или да се наплаќа по 250 денари, ги судри ставовите на пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата на денешната 40. собраниска седница.
Менде Диневски од СДСМ рече дека со Законот се утврдува обврска за замена на постојната здравствена легитимација со електронска здравствена картичка. Тој посочи дека го предлагаат Законот бидејќи, како што рече, претставува антикризна мерка со која предлагаат здравствената картичка да биде на товар на Министерството за здравство односно Буџето��, а не на товар на граѓаните.
Тој посочи дека во 2009 година било нагласено дека елетронската здравствена картичка ќе чини 170 денари, а денес таа чини 250 денари.
Јордан Пачков од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека и здравствените легитимации граѓаните си ги купуваа сами.
- Од партиципација на електронската здравствена картичка се ослободени ранливите групи, потенцира Пачков.
Андреј Петров од СДСМ рече дека една од главните пароли на Владата беше бесплатно здравство и праша зошто граѓани сами да ја плаќаат здравствената картичка.
- Законот им нуди на граѓаните наместо да плаќаат по 1.000 денари (просечно за едно семејство), кога поскапуваат струја, парно, прехранбени артикли, овој трошок да падне на товар на државата, посочи Петров.
Миле Пачемски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека проектот за електронска здравствена картичка останува понатаму и ќе се реализира. Поради економската криза, истакна тој, динамиката ќе биде забавена.
- Личните карти и возачките дозволи, како и здравствените легитимации не се бесплатни, посочи Пачемски и додаде дека средствата од електронската здравствена картичка ќе бидат наменети за набавка на акцелератори.
Талат Џафери од ДИУ побара еден час пауза за да се разгледа прашањето за незакажување на комисии кога има пленарна седница. Според него, не треба во исто време да се одржува седница на Собрание и седница на Комисија, во овој случај, на онаа за труд и социјална политика.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски во образложението рече дека и во досегашната работа додека траела собраниска седница се одржувале седници на комиисии.
Четириесеттата седница на Собранието ќе продолжи по паузата. На дневен ред на седницата се предлог законите за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој по скратена постапка, за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, Информацијата за нарушување и загрозување на образовниот процес итн.
|